Диригентката Дијана Имери Илкоска објави отворено писмо во кое наведува дека и е прекинат работниот однос во НУ Филхармонија, во која била вработена на определено работно време на местото Стручен соработник за музичка архива – нототекар од јули 2022 година, а дополнително од установата и забраниле и пристап во зградата, освен со специјално одобрение од службено лице задолжено за обезбедување. Од Филхармонија пак, денеска излегоа со демант, во кој посочуваат дека наводите на Илкоска се неосновани.
Во демантот на Филхармонија се наведува дека во ниту еден момент од страна на оваа установа или од страна на кој било вработен на Илкоска не ѝ било ветено дека тој работен однос ќе биде трансформиран од определено во неопределено време.
-Со ова сакаме да потенцираме дека авторката на текстот знаела или требала да знае дека договорот за вработување на определено време, може да престане да важи со изминување на временскиот рок за кој истиот е склучен и при тоа установата нема законска обврска да понуди нов договор, односно договор за продолжување на работниот однос. Во насока на ова согласно член 77 - в од Законот за културата (текст на законот кој бил во важност во 2022 година) работното место нототекар, како и останатите 3 места од делот на продукција и помошно техничкиот персонал предвидено е да се засноваат на неопределено време. Непознато е зошто тогашната директорка решила и се согласила да ги спроведе огласите на определено и покрај укажувањата на правната служба на установата, дека истото е противзаконско. Сметаме дека целиот овој проблем произлегува токму од овој клучен минат момент, а сегашното раководство истиот само го наследува и го решава во рамките на законот, соопштија од Филхармонија.
Од Филхармонија додаваат дека на позицијата на која била ангажирана Дијана Имери, нототекар, во минатото бил вработен еден извршител.
-Во времето кога таа била ангажирана на оваа работна позиција, од 01.07.2022 година до 31.12.2024 година бројката се искачила на три извршители, а при тоа и немало реална потреба за тоа, бидејќи немало значително зголемување на бројот на концерти во текот на сезоната. Во делот од текстот кој се однесува на трансформација на нејзиниот работен однос од определено време во неопределно време врз основа на одредбата од членот 46 став 3 од ЗРО, од авторката на текстот поднесена е тужба и сметаме дека во моментов судот е тој кој треба да утврди дали наведените услови во споменатиот член се исполнети или не, велат од установата.
Оттаму потенцираат дека причината поради која работното место нототекар не е предвидено во Годишниот план за вработувања за 2025 година е утврдена во Законот за вработени во јавниот сектор и Методологијата за начинот на пополнување на плановите за вработување, каде јасно и недвосмислено е наведено дека работните места кои се пополнети со договори за врботување на опредeлено време не треба да се впишуваат во годишните планови за вработување.
-Дополнително, тоа е план за вработувања кои треба да се реализираат во следната година и не е логично да се впишуваат работни места кои веќе се пополнети.Неточни и неосновани се наводите дека тоа е причината поради која барањата за продолжување на согласностите се отфрелени од страна на надлежните институции поради тоа што работното место не било впишано во годишниот план за вработување за 2025 година. До денес во установата не е пристигнат ниту еден допис или било какво писмено известување во кое истото е наведено. Впрочем, не ни е познато врз основа на кои докази или информации, авторката на текстот истото го тврди, додаваат од Филхармонија.
Од Филхармонија велат дека изнесените ставови во демантираниот текст се лично мислење на авторката на текстот и се во насока на повреда на интегритетот и угледот на установата, како и на лицата кои работат во неа.
Илкоска пак, во писмото кое го објави вчера, информираше дека се вработила во Филхармонија, на работна позиција за која се согласува дека е преквалификувана согласно нејзиното образование и професионално портфолио, како и нејзиното досегашно искуство и кариера како диригент.
Таа додаде дека изминативе две години (од 2022 до 2024 година) нејзиниот договор се засновал на определено време и се продолжуваше со анекс кон договорот секоја календарска година.
Како што додава, Филхармонија не само што не побарала трансформација на нејзиниот работен однос на неопределено време (со што тужбата би била повлечена веднаш и би се избегнале големите финансиски трошоци за институцијата во случај пресудата да биде во моја корист), туку побарала од Министерството за култура и туризам повторно продолжување со анекс договор на определено време. Истовремено, не го предвидува нејзиното работно место во планот за вработувања за 2025 година.
-Во меѓувреме, продолжува мојата и егзистенцијална борба на моето семејство преку сите достапни законски механизми, а продолжува и мојата уметничка работа преку која ја афирмирам македонската култура на реномирани сцени низ светот и дома – тоа не може да ми го одземе никој. Во таа институција оставив ништо освен огромен труд и пожртвуваност, секогаш навремено извршувајќи ги задачите кои ми беа предвидени во опис на работното место и притоа за овие две и пол години никогаш ниту сум задоцнила, ниту сум побарала ослободување и ниту еднаш не сум користела боледување, но и извршувајќи многу други работи кои не ми беа во опис на работното место, но ги правев со огромна волја и љубов. Покрај тоа што повеќе од година и половина бев планирана во програмата за јубилејната 80-годишна сезона на Филхармонија, а потоа сменета со странски диригент кој ја диригираше музичката програма која јас лично ја предложив, сакам да кажам дека тоа не ме обесхрабрува да ја продолжам својата уметничка работа успешно со странски и други домашни оркестри и ансамбли, се вели во писмото на Илкоска