Климатските активисти од организацијата „Just Stop Oil“ денеска го бојадисаа гробот на британскиот натуралист Чарлс Дарвин во Вестминстерската опатија во Лондон.
Двајца активисти влегоа во Вестминстерската опатија - место на кралски свадби, крунисувања, погреби и голема туристичка атракција - во понеделникот наутро и употребија боја со спреј на гробот на Дарвин, се вели во соопштението на групата.
Активистите напишаа „1,5 е мртов“ со портокалова боја на површината на надгробната плоча од белиот мермер - упатување на неодамнешните вести дека глобалните температури во 2024 година за прв пат надминаа 1,5 степени Целзиусови во споредба со прединдустриската ера.
-Го надминавме прагот од 1,5 степен кој требаше да не заштити, рече еден од активистите. „Дарвин би се вртел во својот гроб кога би знаел дека сме во средината на шестото масовно истребување“.
Дарвин, најпознат по својата теорија за еволуција со природна селекција, починал во 1882 година. Тој е погребан во Вестминстерската опатија, каде што се погребани и научниците Исак Њутн и Стивен Хокинг.
Активистите на „Just Stop Oil“ организираа серија протести во Британија, вклучително и нарушување на спортски и театарски настани, бојадисување на зградата на американската амбасада во Лондон и фрлање супа врз сликите на Ван Гог.