Министерот за надворешни работи на Израел Гидеон Сар потврди дека е постигнат напредок во тековните преговори за постигнување договор со Хамас за прекин на огнот и за заложниците.

- Постигнат е напредок; гледаме одреден напредок во преговорите, рече Сар на прес-конференција во Ерусалим заедно со неговиот дански колега Ларс Локе Расмусен кој е во посета на земјата.

- Израел сака договор за заложниците. Израел работи со нашите американски пријатели за да постигне договор за заложниците, а наскоро ќе знаеме дали и другата страна го сака истото, додаде тој.

На прашање за временската рамка за потенцијален договор, Сар рече дека не сака да каже ништо повеќе освен дека „изгледа многу подобро од претходно“

- Не сакам да кажам повеќе од тоа, бидејќи сфаќам дека има семејства кои се чувствителни на секој збор и секоја реченица, истакна тој.

Сар рече дека Израел работи и со администрацијата на Бајден во заминување и со администрацијата на Трамп и „се надева дека за кратко време ќе се види дека ќе се случуваат работи, но тоа допрва треба да се докаже“.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/01/2025 03:24