Цените на енергијата во Европа сè уште се многу високи, во многу земји-членки се удвоија од 2019 година, цената на природниот гас исто се зголеми и ова нè потсетува дека енергетската ситуација останува несигурна и покрај напредокот што го постигнавме во обновливите извори на енергија и диверзификацијата на снабдувањето, а цените ни укажуваат дека треба да се движиме побрзо, но и поинаку, да размислиме нови начини за решавање на проблемите со кои се соочуваме, пишува грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во писмото до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, јави дописничката на МИА од Атина.

Во писмото, Мицотакис вели дека постои простор за различен пристап во три области: електричната енергија, природниот гас и емисиите на загадувачки материи и дава предлози и идеи за секој сектор посебно.

За електричната енергија посочува дека е потребен нов импулс на внатрешниот пазар.

-Не можеме да имаме една земја со трицифрена цена на струјата, додека во ист час друга земја има нула или негативни цени. Ова е политички неприфатливо и економски неисплатливо. Тоа го прекршува и најосновното правило на внатрешниот пазар, а тоа е слободниот проток на стоки, пишува Мицотакис.

Предлага, краткорочно, да се формира работна група за зголемување на протокот преку границите каде што има значителни разлики во цените, групата ќе има обврска да ги разгледа сите технички и регулаторни решенија и периодично да го известува Енергетскиот или Европскиот совет.

Долгорочно пак, пишува дека треба поразлично и во европски рамки да размислат за мрежите, односно да одредат со какви ресурси или технологии секоја земја може да придонесе, а потоа да се дизајнира мрежа базирана на тие ресурси.

Во однос на природниот гас, вели дека е потребен нов пристап за носење гас во Европа по конкурентна цена, со оглед на тоа што „ќе зависиме од природниот гас уште најмалку две децении“.

-Треба да ги охрабриме европските компании да инвестираат во проекти и инфраструктура за гас и да потпишуваат договори што ќе гарантираат европски пристап до глобалните резерви – секако со гаранции за да се заштити климатската неутралност. Не можеме да успееме на глобалниот пазар на гас со едната рака врзана зад грб, пишува Мицотакис.

За третата област, посочува дека треба да се ограничат трошоците што доаѓаат од прекумерното регулирање на емисиите.

На крајот од писмото прикачува фотографија со цените на електричната енергија во земјите од Европската Унија во 2019 и 2024 година и вели дека „фотографијата ја илустрира потребата да се најде нов пристап подобро од што било друго“.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/01/2025 03:29