Фудбалерот на Арсенал и репрезентативец на Бразил, Габриел Жесус ги повреди предните вкрстени лигаменти на левото колено, соопшти вечерва англискиот клуб.

Жесус пред два дена се повреди на натпреварот од третото коло на ФА Купот против Манчестер Јунајтед, по што беше изнесен од теренот на носилки.

-По опсежна проценка и специјалистички прегледи, потврдено е дека Жесус се здобил со повреда на предните вкрстени лигаменти на левото колено. На Жесус ќе му биде извршена операција во наредните денови и наскоро ќе започне програма за опоравување и рехабилитација. Ќе продолжиме да ги информираме сите за неговото закрепнување, сите во клубот целосно го поддржуваат Жесус, се наведува на клупската веб-страница.

Бразилскиот фудбалер оваа сезона на 27 натпревари во сите натпреварувања постигна седум гола и имаше две асистенции.

Арсенал е на второто место на табелата во Премиер лигата со 40 бодови, а утре во 21.коло ќе му гостува на Тотенхем.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/01/2025 03:48