Со низа здравствено-превентивни активности Општинската организација на Црвениот крст од Охрид и оваа година ќе биде дел црковно-световната манифестација со која се одбележуваат големиот верски празник Богојавление-Водици и Денот на рибарите.

На ден пред Водици в сабота на пункт на Црвениот крст поставен на платото помеѓу Капетанија и ресторанот „Чун“ медицински тимови ќе вршат основни здравствени прегледи на оние кои се одлучиле да „скокаат по крстот“. Притоа се апелира до сите нив да ја проверат својата здравствена состојба и се информираат за ризиците и опасностите кои постојат при капење во толку студена вода.

За самиот ден Водици и скокањето по Чесниот крст на Градското пристаниште во Охрид в недела Црвен крстиот крст ќе се грижи за безбедноста на капачите и сите посетители на настанот со шест тимови спасители на вода распоредени долж пристаништето и во спасителни чамци во вода, два нуркачки тимови, како и со шест медицински тимови за укажување прва помош со амбулантско возило, помогнати со медицински тим на Службата за итна медицинска помош.

Дел од честувањето на Водици е и традиционалната крводарителска акција под мотото „Една капка може да промени се“, што ќе се реализира в недела од 9 до 15 часот во Центарот за култура „Григор Прличев“. Притоа се повикуваат граѓаните и гостите да ја покажат својата хуманост дарувајќи крв, а организаторот со поддршка на Дебарско-кичевската епархија ќе им возврати со должно внимание и скромни подароци.

Од Црвениот крст - Охрид исто така до сите оние кои ќе бидат дел од настанот за одбележување на празникот Богојавление-Водици на Градското пристаниште во Охрид упатуваат апел со низа информации насочени кон превентива од несакани настани. Притоа се посочува да не се влегува во вода доколку се почувствува слабост или симтпом на каков било здравствен проблем. Потоа, да не се влегува во вода во алкохолизирана состојба, а задржувањето во вода да не биде подолго од три минути. Притоа уште се апечира на сите кои ќе влегуваат во вода да имаат подготвено сува облека и обувки за после излегување.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/01/2025 00:05