Учеството на младите на пазарот на трудот се намалува на глобално ниво, особено во земјите со ниски приходи, се наведува во денеска објавениот годишен извештај на Меѓународната организација на трудот (ИЛО) за вработување и социјални прашања.

Во извештајот се посочува дека во земјите со ниски примања драстично е намалена активноста кај младите мажи, кои се дел од генерацијата што не се образува, вработува или обучува.

- Сè уште во земјите со ниски приходи, учеството на младите мажи на пазарот на трудот останува многу повисоко од она на младите жени, каде еден од пет млади мажи ниту е вработен ниту се обучува, во споредба со 37 отсто од младите жени, наведува ИЛО.

Севкупно во 2024 година забележан е раст на вработеноста со иста стапка како и работната сила, овозможувајќи глобалната стапка на невработеност да остане на пет отсто, ниво слично на она од 2023 година. Но, невработеноста кај младите е многу поголема – 12,6 отсто, се наведува во извештајот.

Покрај тоа, неформалната работа и „сиромаштијата на вработените лица се вратија на нивоата пред пандемијата, соопшти Организацијата со седиште во Женева.

Ако досега „централните банки успеваа да ја намалат инфлацијата без да предизвикаат остра контракција на пазарите на трудот“, „натамошното заострување, особено од фискалните власти, може да доведе до сериозни социјални пресврти“, предупредува ИЛО.

Во извештајот се потенцира и дека „иако стапките на инфлација се намалија, растот на платите не ја компензира целосно загубата на приходот поради инфлацијата.

За да се подобри состојбата на работниците, ИЛО предлага инвестирање во стручна обука, образование и инфраструктура, проширување на социјалната заштита во земјите со ниски приходи и искористување на дознаките и фондовите од дијаспората за поддршка на локалниот развој.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/01/2025 17:09