Од печат излезе публикацијата „Споменици и спомен обележја во Тетово и Тетовско од периодот на преродбата и Народно-Ослободителната Војна“ на Националната установа Музеј на тетовски крај. Ова книга е дело на стручна екипа, виш кустос Кристина Томовска-Ристовска и виш кустос Сашко Николоски кои ги евидентирале и фотодокументирале сите спомен обележја од Тетово и тетовско.
Во предговорот на публикацијата авторите посочуваат дека со оваа публикација сакаат да ја запознаат пошироката јавност со фондот на споменичните одбележувања во Тетово и тетовско.
- Спомениците на НОБ се витален дел од културното наследство и колективната меморија на градот Тетово. Овие споменици служат како врска помеѓу минатото и сегашноста и ја отсликуваат борбата на жителите од овој крај за време на Народноослободителната војна. Градот Тетово има богат фонд на споменици и спомен обележја со кои се промовира и презентира историското минато на овој крај. Во Полошкиот регион постојат многу спомен обележја кои се од посебно значење за историјата на Македонија. Овие споменици служеле како потсетник за борбата на градот и неговиот придонес за ослободување на земјата. Но, по распадот на Југославија и воведување на либералната демократија и капитализмот во Македонија спомениците на НОБ беа оставени на заборавот на времето. Многу од нив биле запоставени и заборавени, а нивната состојба се влошуваше со текот на времето. Заради континуитетот на зачувување, одржување и презентирање на овие паметници од нашето поблиско и подалечно минато, НУ Музеј на тетовскиот крај – Тетово направи сеопфатно истражување на спомениците, велат авторите во предговорот на публикацијата.
Кустосите на терен констатирале дека речиси половината од постоечките споменици се оштетени или исчезнати. Во публикација се прикажани и детално опишани 40 спомен обележја од периодот на НОВ и три од периодот на преродбата. Во Тетово и тетовско се исчезнати или уништени 30 спомен обележја.
- Тоа се должи на фактот што не е дефинирано кој е надлежен за нивното одржување. За најголем дел од спомен обележјата грижи месното население. Голем проблем претставува фактот што поголем дел од здруженијата на општинските одбори на Сојузот на борци не постојат или се згаснати. Таков е примерот со општинските одбори на Сојузот на борци од НОБ во Жеровјане, Вратница и Теарце. Во Тетово единствено сè уште постои Сојузот на борци од Тетово рамките на своите можности се труди да се грижи кој достојно да ги одбележи овие историски настани, потенцираат Кристина Томовска-Ристовска и Сашко Николоски.
Во публикацијата има детални податоци за текот, на градбата на спомен обележјата со нивните димензии, материјал на градба, автор на споменикот, имињата и годината на загинатите борци. За секој паметник има фотографска компарација за изгледот на спомен обележјето при поставувањето и за сегашната состојба.
Во зависност од можностите, установата во блиска иднина ќе одржи и јавна презентација на публикацијата.