Инвестиции во постројки за рециклирање и модерни технологии за третман на отпад мора да бидат приоритет како начела на циркуларната економија,порача Делегацијата на ЕУ во земјава, посочувајќи на податокот од Државниот завод за статистика дека 99,8 отсто од собраниот комунален отпад во Северна Македонија се остава на депонија.

- Тоа значи речиси сѐ, скоро целокупниот комунален отпад. Европската Унија со поддршка на земјите членки алоцираше значителни средства да и се помогне на Северна Македонија во овој дел, но сведочиме за слаб степен на апсорпција на овој тип проекти. Органите на управата мора да ги едуцираат граѓаните за бенефитите од рециклирањето, истакна Штефан Худолин, раководител за соработка во Делегацијата на Европската Унија во Скопје, и како пример ја спомна Словенија каде што ангажираноста на заедницата „игра клучна улога во зголемување на стапката на рециклирање на скоро 70 отсто“.

На завршен настан денеска, по речиси две години од почетокот на твининг-проектот „Поддршка во имплементацијата на законот за управување со отпадот и проширена одговорност на производителот“, финансиран од ЕУ, Худолин порача дека ЕУ ги обезбедила алатките и таргетите, но останува националните институции тоа да го спроведат.

Како што рече, надлежните треба да се погрижат „да ги преведат во спроведливи закони“ директивите на ЕУ, за кои рече дека се водилка за земјите како да го подобрат системот на управување со отпад.

- На тоа работеше проектот – сцената е поставена и сега сѐ зависи од имплементацијата и од управување со ризиците кои може да го поткопаат успехот... Не само усвојување на законот, туку потребни се и следни чекори – треба да се осмислат казни за неплаќачите. Целите за рециклирирање немаат смисла ако не се почитуваат... Од сега натаму, ќе зависи од националната имплементација. Прашањето не е дали ЕУ го даде патоказот, туку дали националните институции работат со потребната посветеност. Проширената одговорност на производителите е во сржта на сево ова. Производителите, а не даночните обврзници, се оние кои треба да ги понесат трошоците за рециклирање, собирање, преработка на отпадот, што е голем поттик за компаниите да креираат и дизајнираат одржливи производи. И не треба да постои толеранција за ниту еден производител кој не е целосно посветен на овие промени. Ова е можност да се создадат модерни практики. Мора да се создаде едно одговорно тело тука, во Северна Македонија, кое централно ќе ги координира работите и ќе понесе одговорност за ова, порача Худолин.

Европската Унија, рече тој, замислува свет во кој отпадот нема само да се фрла неодговорно туку да се трансформира, „свет во кој секој производ ќе го живее и својот втор живот, ќе биде реупотребен, редизајниран, преработен“.

- Тоа е таа циркуларна економија на којашто работи Европската Унија. Но, циркуларната економија е возможна само ако националните институции преземат водство и одговорност за имплементација на овие начела. ЕУ генерира повеќе од 2,5 милијарди тони отпад секоја година, количина што е непоимлива. И сепак, само помалку од половина од тоа се рециклира. И покрај големите успеси и напори во изминатава деценија, една четвртина од отпадот од општините завршува на депонии. Според Заводот за статистика на Северна Македонија, 99,8 отсто од собраниот отпад се остава на депонија, што е речиси се, скоро целокупниот комунален отпад. Затоа сме тука денес и тука не се толерира занемарување на овој сериозен проблем, истакна Худолин.

Главен партнер на Министерството за животна средина и просторно планирање во спроведувањето на проектот беше Фондацијата за заштита на климата на сината планета од Унгарија, а како помлад партнер е вклучена Австрија. На настанот се обратија амбасадорите на двете земји со очекувања дека ќе следува успешна имплементација на овој проект на терен.

Амбасадорот на Унгарија, Андраш Клајн, истакна дека е подготвена рамката за проширена одговорност на производителите.

- Ова решение скроено за Северна Македонија не само што ќе обезбеди поголема ефикасност, транспарентност и повисоки стапки на собирање, туку и, генерално, ќе даде придонес кон почиста животна средина за подобро и поуспешно управување со отпадот. Овој проект е, исто така, чекор поблиску до приближување кон барањата на Европската Унија. Оттаму, тоа е чекор напред на патеката на пристапување на вашата земја во ЕУ, за што Унгарија е силен поддржувач, рече Клајн.

Австрискиот амбасадор Мартин Памер, исто така рече дека Австрија е „голем поддржувач на приближувањето на Северна Македонија кон ЕУ - и на политичко и на техничко ниво“.

- Австриската влада со задоволство даде придонес кон успешната реализација на овој твининг-проект на кој внимателно се работеше согласно најдобрите практики во Европската Унија, рече Памер, кој зборувајќи за третманот на отпадот во неговата земја, рече дека денес Австрија има високо ниво на собирање и селектирање на отпадот.

Во име на министерот за животна средина и вицепремиер Изет Меџити, се обрати државниот советник во МЖСПП, Линдита Дика, која рече дека во рамки на овој проект финансиран од ЕУ се има предвид и потребата од зајакнување на сите надлежни органи и на други засегнати страни за управување со отпадот и негово рециклирирање.

- Стратешката определба на Северна Македонија да стане членка на ЕУ не исправа пред предизвици на хармонизација на нашето со законодавството на ЕУ, рече Дика и се заблагодари за помошта од ЕУ во насока, како што рече, на постигнување на државните капацитети во заштита на животната средина. Додаде дека очекува да бидат исполнети задачите од проектот и дека „ќе се воспостави соодветна регулатива и предвидената инфраструктура“.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/01/2025 22:25