Сите се безбедно евакуирани во пожарот што го зафати старечкиот дом во кавадаречкото село Чемерско, изјави за МИА градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев.
- Нема жртва, тоа е најбитно. Приоритет беше да се извлечат на безбедно сите лица што престојуваат во домот. Имаме пратено два минибуса, пет амбулантни возила и ќе се транспортираат сите до Општа болница Кавадарци, од каде што семејствата ќе можат да си ги земат, истакна градоначалникот.
Евакуирани се 30 лица кои биле сместени во старечкиот дом од кои пет биле неподвижни.
Регионалниот Центар за управување со кризи од Велес информира дека на терен се 10 пожарникари со три противпожарни возила. На терен се и три медицински тима и две полициски коли со осум полицајци.
Според првите информации, прво се запалил оџакот, а од него кровот на домот.