Американскиот претседател Доналд Трамп сака да му го врати на највисокиот американски врв Денали неговото поранешно име - Маунт Мекинли, по 25-тиот американски претседател.
Врвот, кој се издига на 6.190 метри надморска височина, беше преименуван во „Денали“ од поранешниот претседател Барак Обама во 2015 година, усвојувајќи го името што со векови го користеа домородците од Аљаска. Владата на Аљаска го направи тоа 40 години порано.
„Ќе ја преименуваме планината во чест на Вилијам Мекинли, голем претседател, како што треба“, рече Трамп во своето инаугуративно обраќање, за време на кое исто така изјави дека Мексиканскиот Залив отсега ќе биде „Американскиот Залив“.
Вилијам Мекинли, 25-тиот американски претседател, никогаш не го посетил Денали и нема врска со Аљаска или планината, иако во негова чест беше именуван во 1917 година.
„Оваа објава е спротивно на желбите на домородните Американци, избраните функционери на Аљаска и вековната традиција“, рече Атан Мануел, директор на програмата за заштита на земјиштето на клубот Сиера.
„Луѓето овде со векови го нарекуваа овој врв „Денали“, па дури и избраните функционери на Аљаска се противат на овој обид за преименување. Јасно е дека Доналд Трамп е повеќе заинтересиран за културната војна отколку за желбите на американскиот народ“, додаде тој.