Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски денеска на прес-конференција ја презентираше Националната стратегија за сајбер безбедност 2025–2028 година, за што кажа дека претставува пресвртница во процесот на дигитална трансформација на државава.
Тој информираше дека Владата на 45. седница, по сеопфатна дискусија ја донела Националната стратегија за сајбер безбедност.
- Чест и привилегија е да застанам пред вас денеска за да ја презентирам Националната стратегија за сајбер безбедност 2025 - 2028 - стратешкиот патоказ за зајакнување на отпорноста и безбедноста на државата во сајбер просторот. Оваа Стратегија се појавува во време кога посветеноста кон нашата дигитална инфраструктура и дигитализацијата воопшто, никогаш не бил поголем. За жал, повеќе од три години, Македонија функционираше без национална стратегија за сајбер безбедност, оставајќи драматичен недостаток во нашата подготвеност против заканите што се развиваат. Отсуството на сеопфатен закон за сајбер-безбедност дополнително нè изложи на ранливост, оставајќи ги институциите и граѓаните подеднакво на ризик, подвлече Андоновски.
Во овој период, додаде тој, бевме сведоци на „алармантен пораст на сајбер напади и хибридни закани“.
- Тие варираат од насочени напади врз критична инфраструктура и јавни институции до широко распространети закани со бомби и кампањи за дезинформации што имаат за цел да го дестабилизираат нашето општество. Ваквите инциденти ја нагласуваат итната потреба за координиран, стратешки и силен пристап за заштита на македонскиот дигитален екосистем. Затоа, Националната стратегија за сајбер безбедност 2025–2028 не треба да се сфати како реакција на предизвиците, туку и како рамка што гледа напред за создавање безбедна дигитална иднина за секоj граѓанин, компанија и институција во државата, посочи Андоновски.
Тој истакна дека нивната визија е да се изгради безбеден, флексибилен, одржлив и инклузивен дигитален екосистем, што „го поддржува економскиот раст, ги штити правата на граѓаните и ја поттикнува довербата во дигиталните технологии“.
Министерот кажа дека стратегијата идентификува пет клучни приоритетни области за справување со најитните предизвици и поставување на темелите за одржлив напредок.
- Зајакнување на националните капацитети за сајбер-безбедност - што се однесува на воспоставување силни структури на управување, како што е новиот сектор за сајбер-безбедност во рамките на Министерството за дигитална трансформација и подобрување на институционалната координација и способностите за одговор. Потоа, обезбедување на критичните инфраструктури и системи - од енергетика и здравствена заштита до финансиски услуги, заштитата на овие витални системи е од суштинско значење за националната безбедност и економската стабилност. Рамките за управување со ризик и јавно-приватните партнерства ќе играат клучна улога, истакна министерот.
Како трета, тој го истакна градењето на сајбер-отпорно општество.
- Преку таргетирани кампањи за едукација и Центарот за побезбеден интернет, имаме за цел да ја подигнеме јавната свест за сајбер безбедноста, грижејќи се да овозможиме секој граѓанин да може да придонесе за побезбедна дигитална средина. Четврта, минимизирање на влијанието на сајбер инцидентите со подобрување на механизмите за откривање инциденти, известување и управување со кризи, ќе го намалиме влијанието на сајбер нападите врз националните и секторските операции. Петта, подобрување на националната и меѓународната соработка, нашите партнерства со меѓународните сојузници, вклучувајќи ги ЕУ, НАТО и глобалните организации за сајбер безбедност, ќе обезбедат усогласување со најдобрите практики и ќе ја зајакнат нашата колективна отпорност, подвлече министерот.
За да се постигнат овие приоритети, како што додаде, „стратегијата воведува критични мерки, содржани во детален акциски план и индикативен финансиски план“.
- Овие мерки се однесуваат на формирање национален совет за сајбер безбедност за стратешки надзор, во рамките на националниот совет за дигитална трансформација. Оформување на централизиран систем за одговор на инциденти за рационализирање на управувањето со кризи. Проширување на програмите за едукација и обука за сајбер безбедност за да се реши недостигот од квалификувани професионалци. Искористување на напредните технологии, како што се вештачката интелигенција и машинското учење, за да се подобрат способностите за откривање закани и одговор. Развивање правна рамка за сајбер безбедност - усогласена со директивите на ЕУ, за да се обезбедат јасни одговорности и механизми за спроведување, рече Андоновски.
Според него, оваа стратегија претставува пресвртница во процесот на дигитална трансформација на државата. Тој рече дека дигитализацијата е неопходна, но и ризиците се реални.
- Како што видовме од сите досегашни сајбер напади врз критични сектори, заканите со бомби и координираните кампањи за дезинформација - ризикот и опасностите се тука. Тие закани ја нарушуваат довербата на јавноста, ги поткопуваат нашите институции и претставуваат значителен ризик за националната безбедност. Преземањето активности не е една од алтернативите, туку е единствен пристап што не дозволува одложување, нагласи Андоновски.
Како што појасни, оваа стратегија обезбедува патоказ за затворање на постоечките празнини, заштита на критичната инфраструктура и поттикнување на дигитално опкружување каде што бизнисите можат да иновираат, граѓаните можат да напредуваат и институциите можат безбедно да работат.
- Дозволете да им се заблагодарам на сите засегнати чинители во рамки на подготовката на стратегијата - работната група предводена од МДТ, нашите партнери од проектот на УСАИД за заштита на критичната инфраструктура, партнерите и институциите кои беа вклучени, како и академската фела, невладиниот сектор и претставниците на приватниот сектор. Националната стратегија за сајбер-безбедност 2025 - 2028 е документ со политики, но, не само тоа. Повеќе - таа претставува наш стратешки план за постапување за обезбедување безбедна, одржлива и напредна дигитална иднина за сите, додаде министерот.
Но, рече дека сепак, ниту една стратегија не може да успее без активно учество на секоја засегната страна.
- Сајбер безбедноста е заедничка одговорност. Оваа стратегија гo повикува секоj граѓанин, бизнис, јавна институција и меѓународен партнер да ги здружат силите. Заедно, мораме да ѝ дадеме приоритет на безбедноста на нашите дигитални простори, да ги заштитиме најранливите меѓу нас и да ја зајакнеме довербата што е основа на нашето општество, посочи министерот.
Андоновски смета дека Владата целосно е посветена на спроведување на оваа стратегија со транспарентност, отчетност и итност. Според него, ќе се обезбедуваат редовни ажурирања за напредокот, „со што ќе се осигури дека ќе останеме на курсот за да ги исполниме нашите амбициозни цели“.
- Дозволете ми да го искористам овој момент и да ги поканам сите активни чинители со истата посветеност да го коментираат и дополнуваат нацрт Законот за сајбер безбедност, што веќе е објавен на ЕНЕР. На тој начин, како што ја изработивме оваа стратегија, ќе донесеме и Закон што ќе ги операционализира нашите напори и јасно исцрта обврските кои ги имаме. Денес правиме голем стратешки чекор кон градење на побезбедна и поотпорна дигитална Македонија - што е подготвена да се соочи со предизвиците на дигиталната ера и да ги искористи нејзините можности, рече министерот.
Заедно, тој додаде, „ќе се погрижиме нашите граѓани да бидат безбедни, а државата конкурентна и да гледа напред во сè повеќе меѓусебно поврзан свет“.