Младата македонска актерка Тамара Ристоска ќе учествува на престижната програма Berlinale Talents коja ќе се одржи во рамките на овогодишното издание на Berlin Film Festival - Berlinale, еден од најзначајните филмски фестивали во светот. Ристоска на ова 23-то издание на програма е избрана помеѓу 3 836 апликанти од 123 држави, и е единствената учесничка од регионот.

Berlinale Talents е платформа за развој на филмски таленти, која ја истражува уметноста и процесот на создавање филмови. Основана во 2003 година, оваа програма е препознатлива како еден од водечките форуми за филмски професионалци и ентузијасти. Со над 10.000 алумни ширум светот, Berlinale Talents ја претставува една од најголемите глобални филмски заедници, нудејќи уникатна можност за вмрежување и креативна соработка на меѓународно ниво.

Овогодишната тема на Berlinale Talents е „Listen Courageously – Cinematic Narratives in Times of Dissonance", која ќе ги истражува значењето и важноста на слушањето во уметноста. Учесниците ќе имаат можност да се вклучат во дебати, работилници и дискусии со светски познати предавачи. Во изминатите години, учесници на главните теми биле филмски легенди како Мартин Скорсезе, Кејт Бланшет, Кристен Стјуарт, Рубен Остлунд, Џералдин Чаплин и Лупита Нионг’о.

Тамара Ристоска е истакната млада актерка од земјава, која успешно гради кариера и на меѓународно ниво. Позната е по улогите во филмовите „Мими“, „Проблемот на Тина“, „Обичната Ели“, „Return to Silent Hill“, „Verified Target“ и други. Покрај тоа, таа настапувала и во домашните ТВ-серии „Фамилијата Марковски“ и „Тинејџерски Камп“, како и во српските продукции „Konstantinovo raskršće“ и „Branilac“.

Нејзините најнови проекти вклучуваат улоги во режисерското деби на Сара Климоста „Нова Енергија“, филмот „Lubarda“ на Горан Радовановиќ, како и „Ruka Pravde“ под режија на Немања Ќераниќ, каде Тамара ја игра една од главните улоги.

Учеството на Тамара Ристоска на Berlinale Talents се смета за огромно признание за неа, но и за македонската културна сцена, потврда дека нашите уметници имаат капацитет да се докажат на највисоко светско ниво.

Годинашното 75. издание на Меѓународниот филмски фестивал во Берлин ќе се одржи од 13 до 23 февруари, а американскиот режисер, сценарист и продуцент Тод Хејнс ќе биде претседател на меѓународното жири на фестивалот.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/01/2025 20:06