Американскиот претседател Доналд Трамп вчера изјави дека Мајкрософт е во преговори за преземање на кинескиот ТикТок и дека би сакал да започне со наддавање за апликацијата.

Мајкрософт одби да ја коментира неговата изјава. Ниту ТикТок ниту БајтДенс (ByteDance) не излегоа со коментари.

ТикТок, што има околу 170 милиони корисници во САД, накратко беше исклучен од интернет непосредно пред да стапи на сила законот на 19 јануари со кој се бара од кинескиот сопственик БајтДенс да го продаде поради националната безбедност или ќе се соочи со забрана за неговата употреба.

Трамп, по преземањето на функцијата на 20 јануари, потпиша извршна наредба со која се обезбеди 75-дневно одложување на спроведувањето на законот.

Американскиот претседател минатата недела изјави дека разговара со неколку луѓе за купување на ТикТок и дека најверојатно за 30 дена ќе донесе одлука за иднината на оваа популарна апликација. Претходно, тој изјави дека е отворен за можноста милијардерот и извршен директор на Тесла, Илон Маск, доколку сака да ја купи апликацијата, но Маск јавно не ја коментираше понудата на Трамп.

Во меѓувреме, во неделата, раководството на пребарувачот со вештачка интелигенција - стартапот Perplexity AI - предложи спојување со ТикТок, при што американската Влада во иднина ќе стане сопственик на половина од новата компанија, изјави извор од компанијата за британските медиуми.

Информациите за разговори сугерираат дека Мајкрософт повторно ја разгледува можноста за преземање на ТикТок. Веќе во својот прв мандат, Трамп му нареди на ТикТок да ја оддели апликацијата што работи на американскиот пазар од БајтДене, објаснувајќи го тоа со загриженост за националната безбедност.

Во 2020 година, Мајкрософт отиде најдалеку во преговорите, но тие пропаднаа неколку месеци подоцна кога Трамп ја напушти претседателската канцеларија. Извршниот директор на Мајкрософт, Сатја Надела, го нарече договорот „најнеобичната работа“ на која работел досега. Владата на САД имаше „одреден сет на барања, а потоа тие едноставно исчезнаа“, рече тој во 2021 година



Автор: Администратор
Објавено на: 28/01/2025 18:16