Граѓаните на Крива Паланка се заложници на едно семејство несовесни одгледувачи на добиток, лица кои се претставуваат како „чесни земјоделци“, а во позадина вршат тортура и на животните и на населението. И сето тоа од лична, материјална корист, изјави градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски на денешната прес-конференција, одржана по вчерашното појавување на семејството одгледувачи на една од националните телевизии.

-Лицата се појавија на телевизија и намерно ја спинуваа вистината, со цел - да предизвикаат емоција кај секој што не е запознаен со проблемот, изнесувајќи бројни невистини и извртување на реалната слика. Сакам да ја информирам јавноста што навистина се случува во Крива Паланка. Се работи за напуштен добиток, што прави материјална штета на скоро сите паланчани. Овде денес со мене се само дел од луѓето кои со години трпат штети токму од тој добиток. Дополнително, во институциите се пријавени бројни здравствени повреди нанесени на луѓето од самите напуштени животни. Инспекциските служби располагаат со записници за загадена вода во браната во село Жидилово од удавени говеда, запсиници за оштететено јавно зеленило и јавни површини од страна на овие животни, записници од ЈП Комуналец за штети на јавно зеленило, но бидејќи сопствениците свесно ги отстрануваат ушните маркици кај животните- не може да се утврди сопствеништвото. Општината трпи сериозни финансиски импликации , непотребни трошоци за собирање на угинати животни и нивен транспорт до комуналната депонија, рече Митовски.

Посочи дека животните, за жал, умираат од студ, немање храна, удрени од возила на пат, удар од гром, пад во пропусти, давење во река или во брани и резервоари за вода, а на ризик од заразни болести се изложени и самите работници при превземање и транспортирање на угинатиот добиток.

-Државата и институциите мора да ги почитуваат законите и да ги исполнуваат во целост. Решенијата што ги носи една државна институција мора да бидат спроведени. Само така ќе бидат пример дека државните институции и нивното раководство не се над законот, туку ги почитуваат законите и ги спроведуваат во пракса. Пред точно една година, на 5 март 2024, комисијата за одлучување по прекршок при Агенцијата за храна и ветеринарство по извршен вонреден инспекциски надзор кај три лица од село Жидилово, одгледувачи на крупен добиток, констатирано е дека одгледувачот на животните не обезбедил заштита и благосостојба на животните кои се под нивна грижа, не спречиле нанесување болка и страдање или повреда, ниту обезбедиле соодветни услови за животните. Агенцијата за храна и ветеринарство со решение утврди дека дека лицата се одговорни за сторен прекршок по Член 12 од Законот за заштита и благосостојба на животните по што се изрекува посебна прекршочна мерка согласно член 36 – одземање на животни од регистрираните одгледувалишта, предмет на сторените прекршоци. Решенијата се извршни и правосилни од април 2024. Но, кој и зошто сеуште не постапува по истите? Кому му оди во прилог таа голгота и страдање на животните и уште колку време жителите на Крива Паланка и месното население ќе трпат штети?, праша Митовски.

Досега, во периодот од 2022 година Митовски рече дека Општина Крива Паланка има поднесено повеќе иницијативи за постапување пред надлежните институции, засновани на стотици пријави од граѓани, групи и поединци од Крива Паланка кои имаат причинети реални штети од овие напуштени животни.

-Од јануари 2022 година до денес доставени се известувања, барања за помош во решавање на проблемот до Владата на РС Македонија, генерален секретаријат на Владата, Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, Државнен инспекторат за земјоделство и Агенција за храна и ветеринарство. Доставив и кривична пријава до Основно јавно обвинителство во Куманово за мачење животни, што беше отфрлена. Низ сите институции го минавме тешкиот пат, ги изодевме сите лавиринти, но бевме упорни и го најдовме решението. Останува институциите да си ја довршат работата и да го решат до крај проблемот со добитокот, порача Митовски.

Според него, засегнати се сите граѓани, доведен е во прашање нивниот нормален и безбеден живот.

- Ова не е проблем на една партија или на поединци кои бараат внимание. Проблемот со напуштениот добиток е проблем за секој еден жител на Крива Паланка и секој посетител. Ова не е борба против животните изложени на страдање од страна на одгледувачите, туку против несовесни граѓани кои го држат во заложништво целиот град и неколку стотини животни, криејќи се под партиска маска. На потег се институциите, додаде Митовски.

На прес - конференцијата присуствуваа и околу шеесетина жители од селата што гравитираат во реонот на Жидилово, Узем, Трново, Варовиште, Пашина Воденица и други места.

Граѓаните споделија и лични сведоштва за се она што го имаат претрпено како маеријални штети, до лични конфронтации и останати ситуации со кои се соочиле по пријавувањето на штетите од добитокот до надлежните служби и до самите сопственици.

Инаку, по изјавата за телевизискиот прилог што вчера беше објавен во кој сопственичките даваат изјави и посочуваат политички реваншизам од страна на претходната власт, од ОК на ВМРО-ДПМНЕ Крива Паланка на ФБ напишаа: „Подолг временски период жителите на повеќе кривопаланечки села се соочуваат со разни проблеми и штети кои ги предизвикуваат овие животни, кои не се одгледуваат во соодветни услови. Сторијата на ТВ не ја прикажува во целост вистината со која се соочуваат граѓаните и каква штета трпат изминатите години. Во право се граѓаните кои бараат помош од институциите и ги поддржуваме во нивните барања. Упатуваме апел и охрабруваме за проблемот со несоодветното одгледување на добиток да се изнајде соодветно решение во најбрз можен рок, напишаа од ОК на ВМРО-ДПМНЕ Крива Паланка.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/03/2025 16:19