Чешката Република со специјален лет вечерва испраќа медицински тим од Централната воена болница кон Северна Македонија за да помогне на барање на македонските власти по трагичниот пожар во дискотека во Кочани во кој загинаа најмалку 59 лица, а 155 се повредени.
„Владата одобри испраќање медицински тим од Министерството за одбрана, поточно тим од Централната воена болница, 10 воени лекари и медицински персонал. Веста за ноќниот пожар во Кочани длабоко ме потресе. Сојузниците мора да стојат еден до друг во тешки моменти. Затоа веднаш го исполнивме северномакедонското барање", изјави вечерва чешкиот премиер Петр Фијала.
Министерката за одбрана Јана Чернохова потсети дека Северна Македонија веднаш и понудила помош на Чешка по големите поплави минатата година.