Серијата „Бескрајна ноќ“ (The Endless Night) на Netflix ја раскажува мрачната вистинска приказна за трагедијата во бразилскиот клуб Kiss во 2013 година, каде што во катастрофален пожар животите ги загубија 242 млади луѓе. Сцените од серијата, исполнети со паника, задушување и беспомошност, за жал, не се само сценарио за телевизија – тие се жив спомен за многу семејства.

Она што уште повеќе ја зголемува тежината на серијата е фактот дека таа отсликува слични грешки и пропусти кои, за жал, ги видовме и во нашата последна трагедија – пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани

Паралели меѓу фикцијата и реалноста

Во „Бескрајна ноќ“, причината за пожарот е пиротехнички ефект што ја запалува запаливата пена на таванот. Во Кочани, иако деталите за причината се уште се под истрага, сепак од видеата е јасно дека пожарот настанува од пиротехничките средства кои го зафаќаат покривот на дискотеката кој се шири со молскавична брзина.

И во двата случаи, заеднички фактори се:

Недостиг на безбедносни излези: Во клубот Kiss, излезите биле малубројни и блокирани, слично како и фактичката ситуација во „Пулс“

Пренатрупаност: Бројот на луѓе бил многу над дозволениот капацитет, што доведува до паника и гужва.

Запаливи материјали: Во серијата, трагедијата настанува поради неконтролирана употреба на пиротехнички средства и недозволени материјали. Тоа е предупредување и за нашите простории – колку се контролирани материјалите и системите против пожар?

Истата лекција – различни континенти

Иако Бразил и Македонија се на два различни континенти, иако се работи за различен временски период, пораката е иста: несоодветната контрола, игнорирањето на безбедносните стандарди и нефункционалните инспекциски механизми имаат висока цена, платена со човечки животи.

„Бескрајна ноќ“ не е само серија – таа е предупредување. Несреќата во Кочани е трагичен доказ дека тие предупредувања не смеат да останат само на екранот.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/03/2025 04:46