Дарко Стојанов е првиот пациент кој се врати од лекување од Белград, кој беше повреден во трагедијата во Кочани. Тој вчера беше пречекан од министерот за здравство Арбен Таравари, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и директорот на ЈЗУ Клиника за Токсикологија – Скопје, Андон Чибишев.

Чибишев вчера кажа дека вратениот пациент од Србија е во сосема подобрена општа клиничка состојба и оти ќе се направат уште неколку клинички иследувања за да бидат сигурни дека може да го пуштат дома.

Додаде дека според Планот на Кризниот штаб има подготвено повеќе тимови, кои се составени од психијатри и психолози кои ќе работат со пациентите кои се лекуваат во земјава и тие што ќе се вратат од странство.

Таравари, при пречекот на пациентот од странство, рече дека според протоколите кои што веќе беа прифатени од Кризниот штаб во Министерството за здравство, секој пациент што се враќа во земјата минимум 24 часа ќе биде следен од клиниката каде што ќе биде тријажиран и ќе биде на Клиниката за токсикологија.

Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, пак, соопшти дека ќе продолжи постепено враќањето на пациентите кои се лекуваат по болници во странство кои се наоѓаат во добра здравствена состојба.

Дарко Стојанов, пак, утрово се обрати на социјалните мрежи со благодарност до лекарите кои го спасиле неговиот живот, како и до сите кои што му давале поддршка во овој тежок период на закрепнување. Тој вели дека неговата здравствена состојба е добра и стабилна и оти сега ќе следува малку подолг процес на опоравување, додека да бидат санирани сите последици.

-Со оваа објава пред се сакам јавно да се заблагодарам за личната поддршка која ја добив од огромен дел од вас. Мојата здравствена состојба е добра и стабилна, а сега следува малку подолг процес на опоравување, додека да бидат санирани сите последици, но ќе бидам добро. Физичките рани и лузните на телото ќе останат, но веќе нема да крварат и нема да болат. Благодарение на Бога јас бев еден од посреќните кој што се спаси таа траорна ноќ. Но, огромен дел за жал ја немаа таа среќа. Болката да се изгуби некој во тој пекол ја почувствував и јас. Тоа е рана која никогаш нема да зарасне, Раната на душата кој ќе крвари во мене до крајот на мојот живот.

Благодарам на сите институции кои беа вклучени во организирањето и реализацијата за лечење во СРБИЈА и останатите земји. Доколку не се случеше тоа, не знам дали сега ќе го пишував ова.

Благодарение на целиот медицински персонал во нашата држава, бидејќи тоа се вистинските херои.

Се надевам дека што поскоро ќе го сфатиме тоа како држава и дека тие ќе бидат наградени соодветно за се што прават. Се надевам дека овие херои што побрзо ќе добијат се што заслужуваат. Дишам благодарение на брзата реакција на медицинскиот персонал во КАРИЛ.

Не постојат зборови со кои можам да се заблагодарам на целиот персонал од Клиничкиот центар Србија. Моите деца сеуште имаат татко благодарение на докторите, и НЕВЕРОЈАТНИТЕ МЕДИЦИНСКИ СЕСТРИ И ТЕХНИЧАРИ од клиниката. Тоа беа моите ангели чувари. БЛАГОДАРАМ СРПСКИ НАРОДЕ! Посакувам што побрзо закрепнување на сите кои се повредени и што побрзо да ги гушнат своите сакани. И се надевам дека оваа траорна трагедија ќе не обедини како народ и ќе ни ги отвори очите како луѓе.

ГУШНЕТЕ ГИ НАЈБЛИСКИТЕ, ФАМИЛИЈАТА, ПРИЈАТЕЛИТЕ. КАЖЕТЕ ИМ ДЕКА ГИ САКАТЕ. НИКОГАШ НЕ МОЖЕТЕ ДА ЗНАЕТЕ КОГА Е ТОА ЗА ПОСЛЕДЕН ПАТ, пишува Стојанов на Фејсбук.

Во моментов 113 пациенти повредени во страотниот пожар во Кочани се лекуваат во странство. Од нив, во теков на денов се очекува да се вратат пет, а во текот на утрешниот ден уште четворица.

Во трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани загинаа 59 лица, а над 180 се повредени.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/03/2025 11:12