Група на поранешни и сегашни вработени во приватната болница ОНЕ хоспитал во Тетово одржаа прес-конференција со цел јавноста да ја запознаат со неисплатени плати и придонеси. Според нив, оваа состојба е пријавена и во надлежните институции но не ги добиле неисплатените плати и придонеси.

- Целта на ова обраќање да се информира јавноста дека со промена на сопственост и менаџментот на болницата пред скоро 2 години дојде до несакано однесување, непочитување кон медицинскиот персонал во оваа болница кои и онака недостасува во нашата земја. Однесувањето беше прво со доцнење на месечни плати и надоместоци се до комплетно неисплата, при што вработените останаа без основни средства за живот, без пензиско и без здравствено осигурување, што си носеше за секое семејство различни непријатни последици. Бараме да ни се врати одработеното и тоа што е наше согласно со секој договор на вработениот. Оваа голгота трае повеќе од една година, изјави Билјана Божиновска, доктор радиолог.

Таа посочи дека проблемите се пријавени во надлежните институции, но и покрај тоа нема решение.

- И покрај пријавите од нашите колеги до трудова инспекција како и УЈП, како и до финансиската полиција, ние не добивме исплата, ниту пак некоја соодветна реакција од нивна страна, туку напротив болницата продолжи да работи. Се обраќаме до нашите релевантни институции да го разгледаат нашиот случај да преземат соодветни мерки и да ни дозволат инвеститорот да не постапува кон вработените против правилата и законите на нашата држава, истакна Билјана Божиновска.

- Неколку луѓе, имаме добиено негативен одговор од трудов инспекторат, дека неосновани ни сите барања и побарувања во однос на ОНЕ хоспитал, изјави Будимка Јосимоска, медицинска сестра.

Доктор гинеколог Ејуб Ејјуб изјави дека секој поединечно се соочува со различен број на неисплатени плати и придонеси.

- Некому каснат со три плати, некому со пет плати, се зависно од тоа кој како си дал отказ нели затоа што треба да прехрани семејство на крајот на краиштата. Изостануваат плаќање од типот К15, ноќен труд, изминат труд, години наназад, изјави Ејуб Ејјуб.

Се реагирало до менаџментот, а според вработените различно се изјаснувале.

- Секогаш наидувавме на прашања од нивна страна, прашања на наше прашања. Се беше сведено на тоа дека не сме во позитива. Дека немаме услови и работиме во загуба. Меѓутоа, кон нашите пресметки статистики, ние бевме тимот кој носи пари и заработува болница. Ние имавме информации дека и има пари во оваа болница, рече докторот Ејуб Ејуб.

- Ние имавме неколку пати и со новиот менаџмент и со новиот претставник комуникација, дури и со новите сопственици. Значи до ноември некаде со едниот партнер, бидејќи болницата се базира на двајца партнери, со едниот партнер од Албанија имавме комуникација, беа ветени исплати, беа ветени работни места. Ние сите сакаме да се вратиме во болницата и да работиме. Беа направени преговори да ни се исплати долгот за да се вратиме и повторно да ја дигнеме оваа болница на ниво на коешто беше. Има целата комуникација, ние не добивме освен ветувања, никакво практично исполнување на барањата, рече д-р Божиновска.

Групата новинари кои ја следеа прес-конференцијата влезе во болницата за да добие одговор на тврдењата на поранешните вработените. Од луѓето во приемната просторија добивме одговор дека од раководните лица нема никој во моментот. Преку електронска пошта испративме до Оне хоспитал и барање за одговор на тврдењата за неисплатените плати и придонеси.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/03/2025 03:51