Македонскиот народен театар ќе го одбележи Светскиот ден на театарот со изведбата на претставата „12“, по мотивите на Реџиналд Роуз (12 Angry Men), во адаптација и режија на Синиша Евтимов.

Како што соопштија од МНТ, традиционално, пред почетокот на претставата ќе бидат прочитани меѓународната и македонската порака посветени на актуелниот театарски миг, а кои ги сподели Македонскиот центар на ИТИ.

Автор на меѓународната порака е Теодорос Терзопулос, театарски режисер, едукaтор и автор од Грција, основач и уметнички директор на Аттис – Театарска компанија, инспиратор на Театарската олимпијада и раководител на Меѓународниот комитет на Театарската олимпијада. Авторот на македонската порака за 2025 година е актерот Емил Рубен, пензиониран актер од ансамблот на МНТ, филмски и ТВ-актер.

Двете пораки ќе бидат прочитани непосредно пред почетокот на претставата, а честа да се обратат на публиката е на актерките Арна Шијак и Софиа Насевска-Трифуновска.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/03/2025 13:53