Кога го славиме 27 Март - Светскиот ден на театарот, го славиме симболот на човечката креативност, ја славиме сцената, која е огледало на нашиот дух, на нашите соништа, стравови и надежи. Театарот во својата појавна форма, никогаш не бил и никогаш нема да биде само простор за актерска изведба. Тој е гласот на колективното искуство, жив организам што пулсира во ритамот на времето, соопшти денеска министерот за култура Зоран Љутков.
Тој во својата честитка по повод Светскиот ден на театарот, потенцира дека од античките трагедии до модерните експериментални дела, театарот сведочи за нашата вечна потрага по разбирање. Преку секоја реплика, движење и молк, тој нѐ потсетува дека човечката приказна е најмоќната форма на комуникација.
-Тука, на сцената, зборот добива тежина, емоцијата станува опиплива, а вистината прозвучува во секој агол. Во време на брзи технолошки промени и виртуелна реалност, театарот останува незаменлив организам, за културното опстојување на општеството. Тој не само што нѐ потсетува на важноста на непосредниот контакт, туку и неуморно нѐ повикува да размислуваме, да чувствуваме и да дејствуваме, додава Љутков.
Тој потенцира дека во свет каде што зборовите често губат тежина, театарот ја враќа нивната суштинска моќ. Министерот појаснува дека како нација со богата културна традиција, наша е должноста да го поддржуваме и да го негуваме театарот. Да создадеме услови за развој на театарското творештво, да ги поддржиме уметниците кои преку своите дела внесуваат светлина и мудрост во нашите животи.
Според Љутков, вложувањето во театарската уметност е инвестиција во иднината – во генерации што ќе знаат да сонуваат, да прашуваат и да создаваат.
-Честитајќи ви го денешниот ден, сакам да им оддадеме признание на сите режисери, драматурзи, актери, сценографи, костимографи и техничари – на сите што го прават театарот возможен. Нивната посветеност е нашата инспирација, нивната креативност е нашиот заеднички капитал. Нека Светскиот ден на театарот биде потсетник дека уметноста има моќ да нѐ обедини, да нѐ поттикне и да нѐ воздигне, се вели во честитката на Љутков.