Александар Дарчијев, кој неодамна беше именуван за руски амбасадор во САД, денеска ќе ги предаде акредитивите, соопшти американскиот Стејт департмент, јави Радио Слободна Европа.

Луис Л. Боно, висок функционер во Бирото за европски и евроазиски прашања, ќе присуствува на „неформалната презентација на акредитивите“.

Руски медиуми вчера објавија дека Дарчијев пристигнал во својата резиденција во Вашингтон.

По пристигнувањето, тој изјави дека се отворил нов „прозорец на можности“ за нормализирање на односите и за функционирање на дипломатските мисии.

Русија нема амбасадор во САД од октомври.

Дарчијев претходно два мандати работел во руската амбасада во Вашингтон и бил амбасадор во Канада од 2014 до 2021 година. Во последниве години е познат по жестоките критики кон САД и Западот.

Неговото именување доаѓа во момент кога Москва и Вашингтон се обидуваат да ги поправат односите нарушени од руската инвазија врз Украина, а американскиот претседател Доналд Трамп се залага за прекин на огнот во конфликтот.

Белата куќа вчера соопшти дека САД постигнале одделни договори со Украина и Русија ден претходно за запирање на нападите во Црното Море и за „развивање мерки за имплементација“ на неодамнешните обврски за прекин на ударите врз енергетските објекти.

Трамп изјави дека сака наскоро да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин, што би бил прв состанок на лидерите на двете земји од 2021 година.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/03/2025 16:01