Српскиот министер за надворешни работи во технички мандат, Марко Ѓуриќ денеска изјави дека со потпишувањето на трилатералниот договор за соработка во областа на одбраната, Загреб, Тирана и Приштина испраќаат порака дека не сакаат регион во иднината, туку нова трка во вооружување, јави МИА од Белград.
Ѓуриќ изјави за Еуроњуз дека потпишувањето на трилатералниот меморандум ги нарушува духот и значењето на Договорот за субрегионална контрола на оружјето од 1996 година, што е составен дел на Дејтонскиот договор.
Тој рече дека дипломатската активност со која Србија бара објаснување од Хрватска и Албанија во врска со договорот е многу важна и тоа и покажа на меѓународната јавност дека во еден чувствителен регион, во многу чувствителен момент, постигнале договор за воена соработка без да се консултираат со некои од нивните најблиски соседи.
„Србија не е единствената земја во регионот со која не воделе разговори. Тоа не беше направено со голем број други земји и тие мораа да се оправдаат пред меѓународната заедница“, рече Ѓуриќ.
Тој потсети дека тоа било тема во неодамнешниот разговор меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и генералниот секретар на НАТО Марк Руте и дека по таа средба можело да се слушне дека Руте не бил информиран за тоа што, како што вели, суштински влијае на безбедносната архитектура во регионот.
Тој истакна дека нема потреба да се разговара за такви работи преку медиумите и ги повика сите во регионот да се фокусираат на иднината.
„Да бидеме добри соседи и да се фокусираме на иднината, а не да трошиме милијарди пари на даночните обврзници на такви игри и трки во вооружување, како што би сакале да видат“, рече Ѓуриќ, додавајќи дека Србија има капацитет да одговори на се што е потребно во однос на безбедноста