Според расположливите информации, најавеното законско решение на италијанската Влада за трансформација на центрите за азиланти во Албанија во „хабови за враќање“ е во согласност со правото на ЕУ, изјави денеска портпаролот на Европската комисија за внатрешни работи, демократија, правда и владеење на правото Маркус Ламерт.
- Ќе продолжиме да ја следиме имплементацијата на протоколот во неговата нова форма и ќе останеме во контакт со италијанските власти во врска со иновативни решенија, изјави Ламерт одговор на прашање за коментар на тврдењето на италијанската Влада дека Европската комисија „во основа“ го одобрила нејзиниот план за трансформација на овие центри во Албанија.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Ламерт додаде дека Европската комисија е подготвена да ги разгледа сите нови предлози доколку тие се во согласност со законодавството на ЕУ и меѓународното право и доколку со нив не се прекршуваат основните права.
На прашање како тврди дека италијанската директива е во согласност со законодавството на Унијата, кога со неа се предвидува можност за префрлување на мигранти од Италија во трети земји без нивна согласност, што не е дозволено со европската правна регулатива, Ламберт одговори дека според информациите на EK, италијанскиот закон ќе важи само за префрлување во овие центри и „во принцип тоа е во согласност со правото на ЕУ“.
- Центрите во Албанија се дел од постапката што се одвива пред да се изврши враќањето во земјата на потекло. Според информациите со кои располагаме, овие лица би имале решение за враќање од Италија и ќе бидат задржани (во Албанија) додека чекаат на спроведување на одлуката. Тоа е фундаментално различно од концептот на враќање, рече Ламберт.
Според него, правната рамка на ЕУ дозволува отворање центри за враќање во трети земји врз основа на „детален меѓународен договор“, доколку тие држави ги почитуваат меѓународните стандарди за човекови права, вклучувајќи го и „принципот за невраќање“.
На забелешката дека „правната рамка на ЕУ“ на која се повикува е само предлог, кој се уште не е усвоен, а дека според „информации од Еврокомисијата“, важечкото европско законодавство не дозволено префрлање на азилантите во трети земји, Ламерт одговори дека станува збор за различни работи.
- Не знам од каде ви се тие информации. Се уште не е можно да се имплементира концептот на враќање затоа што тој треба да се усвои. Но, тоа е различно од она што го прави Италија во моментов, кога применува национално законодавство, додаде Ламерт