Реакција за мачење на коњи, кои биле во очајна состојба во Кавадарци, беше објавена попладнево на Фејсбук страницата „Лина - спаси живот, добиј живот, помогни на животните", што ја водат активисти за заштита на животните.

- Околу 13.30 часот на раскрсницата, мостот на реката Луда Мара, кај населеното место Тенеќе маало, забележано е паркирано возило со приколка и група на луѓе кои биле од истото маало, кои нехумано, присилно пробувале да внесат околу 4 или 5 коњи во приколката , кои биле во ужасна и очајна состојба. Во багажникот на возилото имало и животно кое било врзано на нозете. Очевидците не успеале да го снимаат чинот кој очигледно бил нехуман и се коси со благосостојбата на животните и според законот е кривично дело - мачење на животни, напишаа активистите за заштита на животните.

Притоа упатија апел до надлежните, до кои ќе испратат и пријава, да го испитаат случајот, да излезат на терен и да се преземат соодветни мерки.

- Да се направи план за преземање на коњите на кои итно им треба ветеринарска грижа и одговорно чување, т.е сопствеништво, подвлекоа активистите за заштита на животните. Тие ја споделија и локацијата каде што биле забележани коњите во очајна состојба



Автор: Администратор
Објавено на: 28/03/2025 04:48