Нововопоставената директна авионска линија од Истанбул до Охрид што ќе ја оперира авиокомпанијата „Туркиш ерланјнс“ уште повеќе ќе ги зајакне традиционално добрите врски меѓу двете држави, двата народи, обете економии...
Тоа е генерално оценката на турските претставници кои вчера присуствуваа на свеченоста што на охридскиот ародром се одржа по повод инаугуративниот лет од Истанбул.
Турскиот амбасадор во земјава, Фатих Улусој, во обраќањето пред присутните, меѓу кои и премиерот Христијан Мицкоски, министри, градоначалници, пратеници, истакна дека Турција и Македонија се две земји меѓусебно поврзани со длабоко вкоренети историски и култутни врски и кои негуваат однос на високо ниво.
- Знаеме дека Турција е меѓу најзначајните трговски партнери на Македонија и во овој контекст сметам дека развојот на инфраструктурната мрежа е од огромно значење за обостраниот развој на инвестициските можности и зајакнување на врските меѓу бизнис заедниците, рече Улусој.
Тој потсети дека веќе постојната линија од Истанбул до Скопје остварува 30 лета седмично, а бројот расте со новиот лет за Охрид.
- Среќни сме што оваа бројка ќе порасне со летовите од аеродромот во Охрид. Со овој лет во Охрид нема да патуваат само патници од Турција туку и транзитни патници од разни светски региони. Новата линија што ќе сообраќа четирипати неделно и која ќе даде значаен придонес во зајакнување на поврзуваноста меѓу Турција и Македонија и меѓу нашите братски и пријателски народи, претставува радосна вест не само за Македонија, туку и за целиот Балкански регион. Охрид како балкански бисер е еден од најзначајните културно-туристички дестинации на земјата. Со секоја мината година расте бројот на турски туристи, кои покрај Скопје го посетуваат и Охрид. Лани над 280 илјади турски туристи од Турција ја посетиле земјава, а близу 250 илјади македонски ја посетиле Турција, потенцираше Улусој.
Главниот извршен директор на „Туркиш ерлајнс“ Билал Екши во обраќањето потсети дека првиот лет на авиокомпанијата кон Македонија беше реализиран во 1998 година, како е дека во моментов заедно со сестринската авикомпанија „А-џет“ „Туркиш ерлајнс“ оспслужува 18 линии кон Македонија.
- Со стартот на оваа втора дестинација кон Македонија, „Туркиш ерлајнс“ како што е познато и во Гинисовата книга на рекорди е авиокомпанија која лета кон најголем број дестинации односно земји во светот. Со оваа линија освен гостите од Истанбул ќе можеме да донесеме гости во Охрид од многу повеќе краишта во светот и охриѓани користејќи ја нашата линија ќе можат да стигнат до шест различни континенти, рече тој.
Екши посочи дека турската авиокомпанија во моментов лета кон 131, опслужувајќи 323 дестинации, како и дека со 480-те летала во својата флота претставува деветта најголема авионска компанија во светот.
- Ние не превезуваме само патници туристи. Ги зближуваме различните култури, од трговијата до културата и спортот овозможуваме различните култури и патници да го видат нашето гостопримство. Меѓу нашите народи има силни и роднински врски. Ќе ми причинува гордост што ќе можеме со овие четири лета неделно да допринесеме во зближувањето на двете земји. Охрид со своите природни убавини ќе биде наша нова дестинација која ќе ја опслужуваме како најдобра избрана авиокомпанија во Европа. Би сакале да ги пречекаме граѓаните од Охрид преку нашиот лет во Истанбул, посочи Екси.
Главниот извршен директор на „ТАВ Аеродроми“, Серкан Каптан потсети дека компанијата оваа година одбележува 15-годишнина од преземањето на стопанисувањето со двата аеродроми во Македонија.
- Со задоволство сакам да кажам дека направивме инвестиција од 300 милиони евра и бројот на патници го зголемивме за четири пати откако го преземавме стопанисувањето со двата аеродроми. Во соработка со властите допринесуваме за развојот на авиосообраќајот во земјата. „Туркиш ерлајнс“ како национален превозник на Република Турција, кој е еден од главните превозници за Охрид ќе сообраќа четири пати неделно и ќе допринесе за зголемувањето на бројот на патници. Благодарение на мрежата која што ја има и опслужува најголем број дестинации во светот „Туркиш ерлајн“ ќе допринесе Македонија да се поврзе и со многу други земји во светот, истакна Каптан.
Инаку, според претходните најави, летовите на линијата Истанбул – Охрид „Туркиш ерлајнс“ ќе ги реализира четири пати седмично и тоа во понеделник, четврток, петок и недела. Турската авикомпанија за оваа линија ќе користи авиони „Ербас А321“, „Боинг 737-800“ и „Боинг 737-900“ од својата флота.