Независноста на судскиот систем е темел на правната држава и гаранција за владеење на правото. Без независно судство, правдата станува недостижна, а довербата на граѓаните се разнишува. Судството мора да има капацитет и знаење да изгради ефикасен, транспарентен и одговорен систем кој ќе обезбеди правда за секого. Само со независно и непристрасно судење можеме да градиме општество во кое законите важат подеднакво за сите, порачува министерот за правда Игор Филков во честитката што ја упати денеска по повод 31 Март, Денот на македонското правосудство.
Како што наведува Филков, владеењето на правото не смее да биде само декларативна заложба, туку реалност во секоја судница и институција, а правда и одговорност мора да има.
Според министерот, судството мора да има капацитет и знаење да изгради ефикасен, транспарентен и одговорен систем кој ќе обезбеди правда за секого.
-Интегритетот и стручноста на судиите, јавните обвинители, правобранителите, вршителите на јавни овластувања, адвокатите, медијаторите, нотарите, извршителите, судските службеници и судските советници, судската полиција и сите вработени во судовите се клучни за брза, ефикасна и правична правда, наведува министерот во честитката.