Шефот на Делегацијата на ЕУ, амбасадорот Михалис Рокас изјави дека одблизу ги следат случувањата поврзани со разрешувањето на членови на Судскиот совет и смета дека се што може да се гледа како мешање во независноста на судството и во функционирањето на Судскиот совет е прашање што во Брисел предизвикува загриженост.
-Очигледно е дека го следиме сето тоа, и тоа го следиме одблиску. Од една страна како што знаете дадовме многу препораки за тоа како треба да се случуваат реформите во судството, не само во нашиот Годишен извештај туку и во извештајот за владеење на правото, особено за Судскиот совет и предлозите околу него. Нашиот став е дека се што може да се гледа како мешање во независноста на судството и во функционирањето на Судскиот совет е прашање што кај нас предизвикува загриженост. Сите знаеме дека правните основи за распуштање на членови од Судскиот совет не се поврзани со интерпелации, тоа е поинаква процедура. Со реформите на кои сите чекаме, сакаме да видиме силно судство, што ќе биде основа да и се помогне на земјата да се избори со корупцијата, која што е прв приоритет и тоа со право, рече Рокас на новинарско прашање за интерпелациите на членовите на Судскиот совет изгласани во Собранието.
Прашан како го коментира запирањето на постапката за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, тој укажа дека повторно во прашање е процедурата според која тоа се прави.
-Повторно, се работи за процесот, а не за поединецот. Јасно ни е дека процесот во моментов е замрзнат, иако имаше процедура претходно. Но ќе инсистирам и сметам дека тоа што е важно е дека ЕУ и она што го препорачуваме и го кажуваме не е против поединците туку се работи за тоа да имаме силен систем кој што ќе ја почитува независноста на судството и овие распуштања или процедури треба да го следат процесот на европските стандарди, посочи евроамбасадорот Рокас.
Прашан каде мисли дека најмногу доцниме со реформите, во која институција и која е најслабата алка, Рокас посочи на владеењето на правото и јавната администрација - клучните компоненти во кластерот „темели“
-Јас би рекол две области во кои треба да се фокусираме најмногу - тоа е владеењето на правото, клучна компонента за се, а другата е реформата во јавната администрација. Потребна ни е компетентна јавна администрација која ќе може да ги спроведе сите реформи. Во делот на владеењето на правото, работиме навистина напорно. Знаеме дека е тоа голем приоритет, стагнираше во изминативе неколку години па затоа треба да имаме конкретни чекори напред, и да ги имаме многу скоро, рече Рокас одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес конференција за презентација на мерките од Планот за раст за Западен Балкан и Реформската агенда 2024-2027 за Северна Македонија одфржана заедно со министерот за европски прашања Орхан Муртезани во Владиниот медиа центар.