Во првите два дена, на 1-ви и 2-ри овој месец, продолжувајќи со засилените сообраќајни контроли на патиштата низ земјава, полициските службеници од сите сектори за внатрешни работи издале вкупно 1.296 платни налози за сторени прекршоци од страна на учесниците во сообраќајот по однос на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.
-Притоа, заради неправилно паркирање евидентирани беа 393 прекршоци, 196 за возење со брзина поголема од дозволената, потоа изречена е 101 мерка за управување на возило без возачка дозвола и дури 199 санкции за прекршоци што ги сториле пешаци, информираат деенеска од МВР.
Покрај ова, детектирани се 72 учесници во сообраќајот кои не користеле сигурносен појас, шест возачи на мотоцикл кои не носеле заштитна кацига, 32 санкции се изречени за користење мобилен телефон при возење, додека пак 16 возачи се отстранети од сообраќај поради возење под дејство на алкохол, а изречени се осум мерки за минување на црвено светло.
-По однос пак на Законот за возила од сообраќај се отстранети 38 возила од кои 14 поради техничка неисправност, а 24 затоа што биле не регистрирани, велат од МВР.
Најавваат дека сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираат до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи зголемена безбедност во сообраќајот и придонес за посигурни патишта.