Драмски театар-Скопје в сабота (5 април) премиерно ќе ја изведе претставата „Ифигенија за ништо" - современа адаптација на античката трагедија на Еврипид, во режија на Филип Петковски кој го адаптирал текстот.
Базирана е на „Ифигенија во Авлида" - жртвувањето на Ифигенија во име на „високи цели" поради воените амбиции на нејзиниот татко Агамемнон. Иако темелена на античка трагедија, претставата обработува актуелна тема, се случува во денешно време и носи современа порака за безумноста од жртвување за која било војна и во име на каква било идеологија.
Смртта на Ифигенија не е возвишена ниту херојска туку е производ на семејна манипулација и инструментализирана патриотска реторика. Нејзиното страдање станува симбол на начините на кои системите на моќ ги користат човечките животи за лична и колективна добивка.
Директорот на ДТС Роберт Вељановски истакна дека се работи за исклучително возбудлива претстава која нуди поинаков театарски пристап, со елементи на танцов и физички театар.
-Се надевам дека ќе биде добро прифатена од публиката и ќе биде освежување во репертоарот на Драмски и оти ќе имаме сериозен успех кај младите до 30 години зашто нашата интенција е кај таа генерација да создадеме навика да доаѓаат во театар, рече Вељановски на прес-конференција.
Идејата на режисерот Петковски била дека Ифигенија „не умира за нешто, туку за ништо“, па така станува дел од еден поголем општествен механизам кој ја проголтува поединечната волја и ја заменува со идеолошка дисциплина.
На прес-конференција денеска по повод претстојната премиера тој истакна дека претставата завршува со отворено прашање: Дали вреди да се жртвува животот за идеологија?
-За Ифигенија било чест и била среќна да умре за државата и за нацијата. Јас тој аспект го проблематизирам и се поставува прашањето вреди ли да се поднесе жртва во име на нацијата, на државата или на некаква идеологија, конкретно националистичка и расистичка, односно дали вреди една млада девојка да биде симбол на таа жртва. Во оригиналната драма таа е прикажана како херој, а овде го проблематизираме тој аспект, рече Петковски.
Додаде дека стилот на претставата е постдрамски театар, каде што „телото, формата, светлото говорат гласно исто колку што говори и текстот“. Тој првпат соработува со национална установа по долгогодишното искуство на независната театарска сцена.
Насловната улога (Ифигенија) ја игра Нина Елзесер, која за својот лик рече дека „зборува многу за генерацијата млади кои се незаинтересирани за системот во кој живеат и самите се дел од него“.
-Тоа не е одреден систем туку целото човештво има потфрлено за што сме виновни сите. Младите мора да бидат будни за да ги видат сите прилики со кои може да бидат подобри луѓе, рече Елзесер на прес-конференцијата која, како и другите актери од екипата, посочи и на искуствата од новиот театарски пристап.
Бидејќи изразот е, главно, низ кореографија односно движења, актерите имале 40 дена интензивни физички подготовки.
Во актерската екипа се и: Димитрија Доксевски (Агамемнон), Филип Трајковиќ (Менелај); Јелена Жугиќ (Клитемнестра); Стефан Вујисиќ (Ахил); Сара Климоска (Артемида); Марјан Наумов (Орест), Томислав Давидовски (Дечкото/Светиот елен), а учествува и петчлен Хор.
Сценографијата е на Мартин Манев, костимите за претставата ги изработиле Антонија Гугинска-Јорданоска и Гордана Божиновска, кореографија и адаптација се на режисерот Филип Петковски, а одговорен за аранжман на музиката е Давид Николовски.
„Ифигенија за ништо“ е прва премиера на ДТС во оваа година. Како што соопшти директорот Вељановски, следната премиера е планирана за 10 мај – „Гидионовиот јазол“ од Џон Адамс во режија на Драгана Милошевска-Попов.
Идниот месец во Драмски ќе почнат подготовките на копродукцискиот проект „Животот на провинциските плејбои по Втората светска војна“ по текст на Душан Јовановиќ во режија на Иван Пеновиќ од Хрватска, со меѓународна актерска екипа.
Во копродукцијата, покрај ДТС, ќе бидат и Београдско драмско позориште, Местно гледалишче од Љубљана и Будва град фестивал. Премиерата е планирана за 10 август во Будва. Кај нас ќе биде изведена на „Охридско лето“ на 17 август, а премиерата на матичната сцена во ДТС - на 25 октомври, на отворањето на РУТА-фестивалот во Скопје.