Кипарските пратеници го изгласаа законот со кој жените ќе можат доброволно да се вклучат во војската, односно во т.н. Национална гарда на Кипар, а претседателот на земјата Никос Христодулидис истакна дека тоа е важен чекор и за зајакнување на родовата еднаквост и за зајакнување на одбраната, јави дописничката на МИА од Атина.

На средината на февруари предлог-законот беше одобрен на владина седница, а вчера со 32 гласа „за“ и 15 „воздржани“ беше изгласан во Парламентот.

Законот предвидува дека право на служење ќе имаат жените кои го завршиле средното училиште, a воениот рок ќе биде од шест до 14 месеци.

Кипарскиот претседател преку писмена изјава го поздрави изгласувањето на законот истакнувајќи ја важноста и за зајакнување на родовата еднаквост во Република Кипар и за зајакнување на одбраната на земјата, а паралелно истакна дека интензивно продолжуваат подготовките за првите жени во Националната гарда да бидат примени во летниот период.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/04/2025 04:14