Играчите на МЗТ Скопје кога се чинеше дека ќе ја прекинат лошата серија, загубија во последните три секунди од првиот натпревар во Евро купот каде што ги одмерија силите на гостински терен во Литванија против домаќинот Лиеткабелис.
Во првата четвртина тимот на Лиеткабелис доминираше и обезбеди предност од 5 коша, додека во втората четвртина играчите на МЗТ Скопје делуваа сосема изгубено на теренот, а домаќинот тоа го искористи и на полувреме замина со високи 15 коша разлика. Третата четвртина продолжи со нешто подобра игра на МЗТ но и тоа не беше доволно па Литванците ја добија со еден кош разлика. Кога се чинеше дека натпреварот е решен, само се чека на конечниот резултат домаќините се опуштија а МЗТ Скопје целосно се врати во игра.
На само една минута пред крајот на натпреварот Аеродромци успеаја да стигнат до -2 разлика и имаа напад за израмнување. По неискористениот напад домаќините направија грешка и наивно ја загубија топката а новото засилување на МЗТ Скопје, Синовац беше проигран од страна на Клоф и постигна тројка за прво водство на МЗТ Скопје од 89-88. До крајот на натпреварот останаа уште три секунди, домаќините побараа тајм аут, а по завршувањето на паузата Вилијамс се обиде за шут од тројка кој беше тотално непрецизен но на вистинското место се најде Таролис и со одбајкарски потег успеа да постигне кош за прва победа на Литванците во Евро купот.
Сепак играчите на МЗТ иако целосно дезиорентирани во текот на целиот натпревар покажаа карактер во последната четвртина но не успеаја да ја прекинат лошата серија која со овој натпревар се искачи на четири изгубени натпревари по ред.