Металург денеска одржа прес-конференција по повод средбата од последното коло во групната фаза на Лигата на шампионите. Последен противник на тимот на Маталург е екипата на рускиот шампион Чеховски Медведи, а тренерот Лино Червар посакува со победа да ја крунисаме добрата сезона во Лигата на шампионите, каде до минатото коло бевме во игра и за пласман во осминафиналето од на ова најсилно европско натпреварување. “Во оваа недела играме две тешки средби. Синоќа го совладавме Загреб, но тој меч треба да го заборавиме и да мислиме само на дуелот против Чеховски Медведи. Сакаме да победиме, бидејќи со победа ќе можеме да се искачиме на табелата. Имаме најмлада екипа во Лигата на шампионите и ако победиме ќе се искачиме на третото место, што за мене и за овие млади ракометари е чекор напред, бидејќи минатата сезона завршивме на последното место во нашата група. Во октомври игравме во Русија и имавме тешка средба, особено во првото полувреме во кое противникот на моменти имаше убедлива предност. Се работи за незгодна екипа со неколку искусни и квалитетни ракометари. Котов е ракометар од кој одат сите акции. Мораме да го запреме. Имаат и репрезентативци на Русија. Тоа е цврста и млада екипа која игра брзо, така што ќе мораме да бидеме подготвени. Тие ја совладаа Ла Риоха на гости. Очекуваме да играат одбрана 5-1. Имаат високи играчи и знаеме што друго можат да направат. Сепак, ние мораме да бидеме квалитетни како тим и секој што ќе биде на терен да одработи квалитетно и да го даде својот максимум. Сега, ние мораме да заборавиме на сите средби досега. Мораме да мислиме исклучиво на овој натпревар и да го одработиме квалитетно“, изјави Лино Червар. “По победата над Загреб не смееме да се кренеме во облаци. Мораме да стоиме цврсто на земја и да продолжиме да работиме. Мораме добро да се подготвиме за овој дуел против Чеховски Медведи. Атмосферата е добра и верувам дека играта од дуелот против Веспрем веќе нема да се повтори. Докажавме дека можеме подобро против Загреб, така што в недела ќе дадеме сè од себе за да одиграме квалитетно и со победа да ја завршиме сезоната во Лигата на шампиони“, рече Филип Кузмановски, кој од името на играчите вети максимално залагање. Оваа средба се игра в недела, со почеток во 17.30 часот.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/02/2017 00:13