Сѐ што досега играле Вардар и ППД Загреб сезонава треба да се заборави и да се сконцентрираме на следниот меч во лигата на шампионите, во сабота во 17,30 часот во СЦ „Јане Сандански". Триумф нѐ задржува во игра за првото место во Б групата од лигата на шампионите.

Ова е 10 коло од Б групата на лигата на шампионите и за „црвено-црните" сега секој бод е важен во борбата за првото место на табелата.

Хрватскиот тим успеа да ја прекине нашата победничка серија на почетокот на сезоната, со минимална победа од 28-27 во 5. коло. Потоа и во СЕХА лигата на гостувањето во Загреб во декември бевме поразени со 26-28. Од друга страна ППД Загреб неочекувано загуби од Металург во Скопје, 22-25 и веројатно ќе бара начин за поправање на сликата и подобрување на формата.

Загребчани имаат проблеми со повредени играчи, а некои имаат и висока температура, па неизвесно е со кој состав ќе се појават во сабота на натпреварот. Од натпреварите Рајн Некар – Кјелце и Мешков – ПИК Сегед, ќе биде појасно околу ситуацијата на табелата и шансите на екипите за тоа прво место. Сите посакуваат да завршат на првото место по регуларните 14 кола, бидејќи само најдобриот тим ќе го прескокне осминафиналето и ќе се пласира директно меѓу Топ-8 екипите во ЛШ.

„Играме лига на шампиони против Загреб. Сезонава трипати игравме против нив. На натпреварот од СЕХА лигата, во Скопје победивме, но имавме многу повредени по натпреварот со нив. На првиот натпревар од лигата на шампиони кај нив загубивме со еден гол разлика. Во првото полувреме игравме добро, но во второто имавме проблем со нивната одбрана. Потоа изгубивме на гости и во СЕХА лига. Мислам дека треба да бидеме спремни и многу да ги почитуваме, и треба да играме со 100 отсто. Очекувам 'Јане Сандански' да биде полна зашто ни треба помош. Мислам дека ние ќе бидеме спремни зашто многу сум задоволен како трениравме цела недела. Тренинзи имаме и попладне и утре и ќе видиме кој ќе игра. Но знаеме дека денес играат Рајн Некар и Кјелце. Aко сакаме да успееме дома не смееме да изгубиме. Значи очекувајте многу добар натпревар, многу интензивен. Не знам кој ќе игра, но да разликуваме дека кога се игра Лига на шампионите сите играат 100 отсто. Играчите кога се спремаат за лигата тоа изгледа како за финале. Треба да се фокусираме на нас, а да не мислиме како ќе бидат играчите од Загреб“, вели Раул Гонзалез, тренерот на Вардар.

Тоа што двапати досега Вардар загуби во Загреб, а Хрватите беа поразени од Металург вчера во Скопје, треба да се заборави. Единствениот наш триумф против ППД Загреб сезонава беше во СЕХА лигата во септември кога победивме со 32-31.

„Да ги заборавиме сите натпревари што досега ги игравме против нив. Да заборавиме дека вчера загубија од Металург. Да се сконцентрираме за во сабота, многу тежок натпревар ќе биде. Можеби некој очекува дека ќе биде лесен натпревар поради нивниот пораз од вчера, но јас не се согласувам. Многу е битно дома да победиме и да немаме уште еден кикс како со Рајн Некар“, вели Стојанче Стоилов, капитенот на Вардар. На табелата во Б групата од лигата на шампионите Кјелце води со 14 бода, пред ПИК Сегед со 13, Вардар има 12, Рајн Некар 11, Мешков 9, Целје 5, ППД Загреб и Кристијанштад по 4 бода.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/02/2017 10:34