На четири кола до крај на групната фаза од лигата на шампионите Вардар повторно е лидер во групата по триумфот од 25-20 (14-8) против ППД Загреб. Сега Вардар има 14 бода, исто колку и Кјелце но „црвено-црните" имаат подобра вкупна гол разлика.
Ова e седма победа за Вардар сезонава, а вкупно 38 во лигата на шампионите. Им вратија вардарци на загребчани за поразот во есенскиот дел од сезоната кога на гостувањето загубивме со 27-28. Овојпат бодовите беа уште поважни.
Остануваме во игра за првото место во групата што води директно во четвртфиналето на ЛШ. Тоа сега е главната цел на екипата, со што ќе ги избегнат осминафиналните средби, и ќе добијат повеќе време за подготвување за дуелите во Топ-8 и би биле првата македонска екипа на која и успеало четири сезони по ред да биде во Топ-8 фазата.
На средбата со ППД Загреб игравме без левиот бек Вуко Борозан, кој има мала повреда на ногата. Тренерот Раул Гонзалез му даде шанса на Александар Деревен да го почне мечот, заедно со Игор Карачиќ и Алекс Душебаев. Одличната игра во одбрана ни овозможи брзо да направиме предност од 4-0. Ништо не поминуваше низ одбранбените раце на вардарци, а она што тие ќе го пропуштеа го бранеше Штербик. Во 5 минута Вардар првпат има предност од „плус 5" (5-0), а ППД Загреб дури во 8. минута го постигнува првиот гол.
„Петката" што ја остваривме како предност ја одржувавме и во следните десет минути, кога во игра влегоа Лука Циндриќ, Стојанче Стоилов и Жоан Кањељас. Тие продолжија во ист стил како и нивните претходници, па во 20 минута Вардар првпат има шест гола предност (10-4). Можевме предноста да ја зголемите лесно за уште некој гол но правевме и технички грешки, иако одбраната потоа тоа го корегираше недозволувајќи разликата да падне под пет гола.
До крајот на полувремето ја задржавме таа предност од пет гола што првпат ја искачивме на „плус 6" во последната минута реалиизрајќи за водство 14-8.
Во второто полувреме се` беше само рутина. Вардар играше исто добро како и во првото, и успеа неколкупати да го зголеми водството на „плус 7“. Одбраната повторно беше на ниво, а Арпад Штербик имаше 12 одбрани на натпреварот. Во самата завршница Загреб намали на 23-19, како закана, но брзо дојде одговорот од Вардар. Со два гола во серија повторно направивме предност од „плус 6“ за 25-19.
Во следното коло Вардар гостува кај ПИК Сегед, меч што треба да ни ја отвори вратата кон директен пласман во четвртфиналето.