Со поддршка на Агенцијата за филм на Република и оваа година, Македонски филмови и филмски работници, ќе учествуваат на 67-то издание на Берлинскиот Филмски Фестивал (Берлинале) кој се одржува во период од 9 до 19 февруари во Берлин. Најновиот филм на Теона С. Митевска – “Кога денот немаше име“ ќе ја доживее својата светска премиера на 14. февруари.
Филмот „Кога денот немаше име“ е четврт долгометражен филм на режисерката Теона С. Митевска во заедничка копродукција на Македонски, Белгиски и Словенечки продукции, каде што главен продуцент е Лабина Митевска со продуцентската куќа „Сестри и Брат Митевски“. По претставувањето во претходните години со своите филмови „Јас сум од Титов Велес” и „Жената која ги избриша своите солзи”, ова е трето учество на Теона на Берлинскиот филмски фестивал со долгометражен филм.
Филмот ќе биде прикажан вкупно седум пати за време на фестивалот, од кои два пати на таканаречениот фестивалски „Маркет“и пет други проекции за публиката.
Во програмата „Панорама Специјал“ пак, ќе биде прикажан и филмот „Реквием за госпоѓа Ј“ во режија на Бојан Вулетиќ кој својата премиера ќе ја има на 13 февруари. Филмот „Реквиеем за госпоѓа Ј“ е во кппродукација на Српски, Бугарски, Македонски, Руски и Француски продуцентски куќи а како ко-продуцент од македонска страна се јавува Томи Салковски И двата проекти се поддржани од европската агенција за филм „Еуримаж“.
На „Европскиот Филмски Маркет“ оваа година свои проекции ќе имаат најновиот филм на режисерот Владимир Блажевски – „Година на мајмунот“ и дебитантскиот филм на Ѓорче Ставревски – „Тајната состојка“.
Агенцијата за филм на Република Македонија пак во рамки на “Европскиот Филмски Маркет“ ќе ги промовира најновите македонски филмови преку реклами. Оваа година промовирани се филмовите „Тајната состојка’’, „Кога денот немаше име’’, како и „Златната Петорка“ во режија на Горан Тренчовски. Воедно, на маркетот се презентираат и поволностите кои нашата земја ги нуди за снимање во Македонија за странски продукции. Меѓу нив е и правото на поврат на 20% од средствата за снимање на филмски, односно телевизиски проекти, мерка која се применува од нејзиното донесување со Законот за филмската дејност, информираат од Агенцијата за филм на Република Македонија, пренесува дописникот на МИА од Берлин.