Во просториите на Агенцијата за млади и спорт Директорот Марјан Спасески, Извршниот директор на Коалиција "СЕГА" Зоран Илиевски, раководителот на Центарот за односи со јавноста при Универзитетот "Гоце Делчев"-Штип Влатко Mиленкоски, проректорот за финансии на Универзитет "Св.Климент Охридски"- Битола проф. д-р Светлана Николовска и основачот на Млади ИНФО Интернационал Антоанета Иванова потпишаа Меморандум за соработка.

Иницијативата за потпишување на Меморандумот произлезе од делот на исполнување на превземените обврски од Акциониот план за имплементација на Националната Стратегија за Млади.

Целта на Меморандумот е достапноста и транспарентноста на информациите од интерес на младите за остварување на нивните потреби како и вмрежување на институциите и организациите чија основна активност е информирање на младите.

Како дел од меморандумот е и спроведување на кампања за младинско информирање која ќе има за цел подобрување на Младинското информирање во Република Македонија.

Активностите од Кампањата вклучуваат секојдневна комуникација со вклучените младински организации од цела Македонија, давање на инструкции за online делот на кампањата, дизајнирање и печатење на промотивен материјал за кампањата, контакт со медиумите за покриеност на настаните со млади, објавување на Конкурс за креирање на мобилна апликација и објавување на Конкурс за изработка на анимирано видео за промоција на мобилната апликацијa.

Агенцијата за млади и спорт ќе обезбеди парични награди во вредност од 30.000 денари за мобилната апликација и 18.000 денари за анимираното видео.

Останатите потписници на овој меморандум, ќе се вклучат во активностите преку редовно информирање, отстапување медиумски простор за кампањата за младинско информирање како и размена на информации кои се во интерес на младите.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/02/2017 15:16