Вардар го обезбеди пласманот во осминафиналето на лигата на шампионите на три кола пред завршувањето на натпреварите од главната фаза, и почна да работи на создавање на тимот што и следните сезони ќе настапува во насилното европско натпреварување.
Српската интернационалка Андреа Лекиќ ќе остане како дел од тимот и во следните две години, односно до јуни 2019 година. Лекиќ дојде во Вардар во 2013 година, а нејзиното останување е во согласност со нашата намера и амбиција да ги задржиме ракометарките што се клучни за нашата игра. На Лекиќ летово и завршува едногодишниот договор што беше склучен лани, но брзо беше најден заедничкиот интерес за продолжување на соработката.
„Она што е добро и квалитетно Вардар сака да го има во своите редови. Лекиќ е играч од светска класа која во Вардар покажува одлични партии и ние сакаме таа да биде дел од нашата приказна и во иднина. Заедно да го освоиме европскиот врв и да ја исполниме клупската цел. Лекиќ е дел од самиот почеток на Вардар кога тргнавме во создавање на европски бренд, и сега сме на чекор до она што ни беше задача. Веруваме дека соработката меѓу Вардар и Лекиќ и во иднина ќе биде плодна и полна со успеси, вели Давор Стојаноски, извршниот директор на Вардар.
Лекиќ е важна алка во играта на Вардар, особено во нападот. Најдобрата светска ракометарка за 2013 година зад себе има три бронзени медали со Вардар на Ф4 турнирите во лигата на шампионите од претходните сезони. Еднаш веќе ја освојуваше и ЛШ во 2013 година. Беше избрана и за Ол стар играч на ЕП 2012 година.
Сезонава во лигата на шампионите Лекиќ постигна вкупно 32 гола, на шест натпревари. Не настапи на првите три меча од групната фаза сезонава, а потоа на секој натпревар беше меѓу стрелците.
„Не би останувала доколку не сум задоволна. Со овие две години моето останување во Вардар ќе биде шест сезони, и тоа е најмногу што сум се задржала во некој клуб досега. Ова значи сѐ. Не постои нешто што не ми одговара во клубот. Играме и добро, и поставените цели се исти, па тоа е она што те влече напред. Сакам да го напаѓам врвот, а Вардар тоа постојано ми го обезбедува, за да бидеме секогаш напред, вели Андреа Лекиќ.
Вардар во моментов е единствена екипа во лигата на шампионите што нема пораз, и има серија од осум победи по ред и десет натпревари без пораз, што е клупски рекорд. Во следното коло од главната фаза на лигата на шампионите на 26 февруари Вардар е домаќин на Будуќност.