Фени Индустри го декласираше тимот на АВ Охрид со високи 43 поени разлика и со тоа го обезбеди учеството во полуфиналето од Купот на Македонија кој се игра во салата Јасмин во Кавадарци.
Тимот на АВ Охрид му парираше на домаќинот само во првата четвртина а во остатокот на натпреварот доминацијата на теренот беше во рацете на кошаркарите на Фени Индустри.
Најдобар поединец во редовите на Фени беше Чешковиќ со 20 постигнати поени, 18 поени постигна Николовски, 14 поени – Пајиќ а Бобан Стајиќ на своето конто запиша 11 поени. Во поразениот тим Американецот Брукс беше единствен расположен за игра со постигнати 37 поени, плус и 10 скока и 5 асистенции, а Михајловски го заврши натпреварот со 13 поени.
Мзт Скопје пак го совлада тимот на Кожуф со резултат 83:72 и на тој начин го обезбеди пласманот во полуфиналето.
Останата двојка од полуфиналните мечеви ја сочинуваат екипите на Работнички и Карпош Соколи кои ќе се сретнат денеска со почеток од 18:00 часот, додека Фени Индустри и МЗТ Скопје го играат својот натпревар од 20:30 часот.