Освојувачите на Лимак Купот на Македонија 2017, кошаркарите на Карпош Соколи, денеска беа во посета кај градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски.
Повод за денешната средба беше минатонеделниот успех на „Соколите“, кои во неделното финале од Купот убедливо ги совладаа домаќините од Кавадарци, тимот на Фени Индустри со резултат 80- 69 и на тој начин заслужено стигнаа до првата титула во клупската историја, на јубилејот 20 години од постоењето на клубот.
Првиот човек на локалната самоуправа им го честиташе големиот успех на кошаркарите и изрази големо задоволство, што токму тимот кој доаѓа од Општина Карпош направи ваков историски успех.
-Постојано од година в година напредувавме и сметам дека овој успех беше очекуван и неминовен. Локалната самоуправа и понатаму ќе го помага и поддржува кошаркарскиот клуб „Карпош Соколи“. Се надевам дека со континуиран труд и работа, заеднички ќе се израдуваме и на титулата во националната лига на Македонија - истакна Јакимовски.
Во оваа пригода општинскиот татко потенцираше дека е особено горд што Карпош Соколи и МЗТ-Скопје, се единствените два кошаркарски клубови од Македонија, кои учествуваат во АБА - Јадранската лига.
-Тоа значи поголема афирмација на македонската кошарка на едно повисоко регионално кошаркарско натпреварување, со што се зголемува рејтингот на македонскиот клубски спорт – додаде Јакимовски.