Белград ќе ечи од песна и радост со многу музика и најголемите хитови на популарниот македонски музички состав „Љубојна“.
Покрај богатиот оркестар сочинет од многу музичари соработници на „Љубојна“, како специјални гости на концертот ќе се појават неверојатниот Влатко Стефановски, трубачот од светска класа Џамбо Агушев и белградскиот џез-музичар и пијанист Васил Хаџиманов.
– За прв пат ќе имаме концерт во Белград. Многу сме возбудени, не прати еуфорија. Ќе настапиме во манир на „Љубојна“ – изјави Вера Милошевска.
Од „Љубојна“ истакнаа дека имале многу гостувања на радио и телевизии во Белград, како подготовка на публиката за претстојниот концерт и дека наишле на многу позитивен прием.
– Секој домаќин изрази почит кон македонската музика – истакнаа од групата, додавајќи дека тоа е од огромно значење со оглед на тоа дека се работи за исклучително тежок пазар со сериозна конкуренција.