Средбата долго време беше под контрола на гостинскиот тим. Металург поведе со 3:2 во 4. минута, но потоа следуваше лош период во кој направивме повеќе грешки, што тимот на Горење го искористи и веќе во 13. минута имаше солидна позитива од 4 гола, 5:9. Сепак, нашите ракометари најдоа сили и до крајот на првото полувреме го стигнаа резултатот на противникот, 14:14. Малото невнимание на нашата одбрана резултираше со гостински цепелин во последните секунди од првиот дел и предност од еден гол разлика со која Горење замина на одмор.

Во второто полувреме работите значително се променија. Металург заигра цврсто во одбраната, а во нападот се истакнаа Петров и Обрадовиќ, па во 33. минута Металург мина во водство, 16:15. Кога се очекуваше дека Металург ќе ја круниса својата добра игра со позначително водство, дојде до нова мала криза во нашата игра, а таа пак резултираше со нова максимална предност на нашиот противник, 16:20 во 39. минута. Ова траеше неколку минути, а потоа Металург, на крилјата на верната публика, тргна во решавачка офанзива која целосно го збуни противникот и која како последица имаше целосен слом на екипата на Горење и конечна победа на Металург, со резултат 28:25.

“Тимот на Горење во поголемиот дел од средбата имаше предност, благодарение на сигурниот напад и на цврстата одбрана. Знаев дека во второто полувреме без поголемо залагање не ќе можеме да направиме пресврт. Одигравме поконцентрирано и поборбено, па тоа стана решавачко за пресвртот. На крајот, кога успеавме да го свртиме мечот во наша полза, покажавме дисциплина и покажавме дека мечот никогаш не беше готов. Голема заслуга за нашата победа има публиката. Драго ми е што на домашен терен ја завршивме СЕХА-лигата со победа. Тоа е сигурно убава работа. Наше е да продолжиме да се бориме и на последните два меча“, рече Червар. “Честитки за екипата на Горење. Желбата за победа беше поголема кај нас. На почетокот отворивме лошо, но во вториот дел се стабилизиравме. Се играше гол за гол, за крајот ние да се радувавме. Мило ми е што е така, затоа што ова беше последен дуел од СЕХА-лигата на домашен терен за нас во оваа сезона“, изјави Мартин Томовски.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/02/2017 12:47