Вардар веќе сите го гледаат како фаворит за освојување на женската лига на шампионите, но на тој пат треба да се одиграат прво мечевите од главната фаза. Во недела во Скопје (17,30 ч. СЦ „Јане Сандански") гостува Будуќност, поранешниот европски првак, што е еден од трите последни натпревари за нас во групата.
Нашите девојки имаат серија од осум победи по ред, и се единствен тим што победи на сите мечеви од Главната фаза. Истовремено, постигнат е и нов клупски рекорд од 10 мечеви без пораз.
На првиот дуел со Будуќност во Подгорица на крајот од јануари, вардарки победија со 31-28, што беше наш трет триумф по ред во ЛШ.
Ние го обезбедивме пласманот во четврт-финалето на ЛШ, и останува само да го потврдиме местото. Целта е да бидеме првопласирани со што би играле со четвртопласираниот тим од Б групата.
„Работевме оваа недела како секогаш. Гледавме видеа од нивните настапи, и работевме во сала. Против Будуќност игравме неколку пати сезонава. Играчите веќе не сакаат да ги гледаат видеата, бидејќи постојано сѐ е исто. Мислам дека најголема опасност од Будуќност е што овој натпревар тие ќе играат без притисок. А, кога играш без притисок и имаш добри играчи, тоа за нас е многу голема опасност и ќе биде многу тешко. Не знам, може ќе подготват нешто ново. Ние имавме две недели да се подготвиме. Мислам дека во недела ќе биде добро. Ние сме први во група и не сакаме дома да изгубиме натпревар", вели тренерот на Вардар Давид Дејвис.
Играта во одбрана веројатно повторно ќе биде пресудна. И Будуќност и Вардар играат одлично во одбрана, а таму постојано има дуели кои се на ниво на машки екипи.
„Овие две недели многу силно трениравме, и се подготвувавме. Екипата е подготвена да излеземе во недела и да одиграме најдобро што знаеме, и да дадеме максимум. После победата со Будуќност има еуфорија, но мора да останеме мирни зашто знаеме со кого играме. Будуќност после поразот што дома го доживеа, ќе дојде максимално мотивиран со желба да ни се реваншираат. Но, ние се подготвивме и знаеме како да одговориме на нивната силна бековска шутерска постава и цврста одбрана. Сигурна сум дека ако одиграме како што се договоривме и со црвста и агресивна одбрана која е карактеристична за нас, и стрплив напад, дека нема да биде во прашање победата. Ќе освоиме бодови пред нашата публика. Ќе ја искористам можноста да дојдат во што поголем број да нѐ поддржат", вели Андреа Кликовац.
Претседателката на Вардар, Гордана Нацева верува дека девојките ќе ја продолжат добрата серија на игри и резултати сезонава во лигата на шампионите.
„Кога тренерот и играчите имаат ваков оптимизам нема причина да размислувам поинаку. Вардар е во извонреден ритам на осум победи досега, и ретко кога сме имале ваква серија. И нема причина да не ја продолжиме, особено со натпревар на домашен терен. Сметам дека наш најголем проблем, и во идните натпревари, ќе биде како пристапуваме кон натпреварите. Кога пристапуваме сериозно и со респект кон секој противник, тогаш Вардар е најсилен и може да победи секаде и секого. Иако противникот е малку разнишан со два пораза на домашен терен, сметам дека ќе биде исклучително тежок натпревар. Екипата е спремна и мислам дека ќе успеат во недела да завршат со победа. Ќе ни треба поддршка од публиката", рече претседателката на Управниот одбор Гордана Нацева.
Тренерот Дејвис потврди дека пивотот Андреа Човиќ во следните два месеца ќе паузира од натпреварите поради повреда на ногата. „Потребни се два месеци пауза и потоа ќе видиме. Човиќ нема потреба од операција, но потребна и е терапија, а потоа ќе работи со Марија Лојанец", вели Дејвис.
Натпреварот меѓу Вардар и Будуќност се игра во недела (17,30 часот) во СЦ „Јане Сандански".
Судии на Карина Кристијансен и Лине Хансен од Данска. Делегат е Марке Горалчук од Полска.
Билетите за натпреварот се веќе пуштени во продажба и може да се купат на билетарницата во СЦ „Јане Сандански" или онлајн на www.ticketplus.mk