Вардар се наоѓа на три чекори до директен пласман во четврт-финалето на лигата на шампионите, а првиот важен натпревар е в сабота против Целје (17,30 ч. СЦ „Јане Сандански"). Потребни се победи на следните дуели со цел да го задржиме првото место во групата.

Сезонава трипати игравме против словенечкиот првак, и сите ги добивме. Најубедливо беше на првиот дуел од СЕХА лигата кога во гости во септември победивме со 40-29, а на реваншот во Скопје победивме со 33-31. Во Б групата од лигата на шампионите во 3. коло победивме во Словенија со 32-26.

Гостите направија изненадување на претходниот меч од ЛШ, победувајќи го европскиот првак Кјелце пред домашна публика со 34-33, па словенечкиот тим останува во игра за 6. место во групата што води во осминафиналето на ЛШ.

„ Во сабота играме против Целје во Лига на шампиони. Ние сме сега на второ место во групата Б, зад Рајн Некар кој го победи Мешков и сега Германците имаат еден бод предност. Натпреварот со Целје за нас е како финале во Лига на шампиони. Ние сме фаворит на натпреварот, но треба да имаме предвид дека секогаш кога играме против нив имаме и многу проблеми зашто имаат квалитетни играчи. Очекувам брз натпревар. Ако сакаме да ги победиме треба да имаме добра одбрана и да даваме голови од контранапад. Имаме добра шанса да бидеме први во групата, иако е рано да предвидуваме. Играчите се спремни и сакаат да покажат добар натпревар, изјави Раул Гонзалез, тренерот на Вардар.

Двете екипи имаат амбиција да ги освојат бодовите. Затоа и натпреварот ќе биде крајно неизвесен и многу важен. Тоа што досега трипати го победувавме Целје, сега треба да се потврди, и овој е најважниот меч меѓу двете екипи сезонава.

„Годинава три пати се сретнавме со Целје и трипати победивме. Мислам дека затоа некои очекуваат дека ова ќе биде лесен натпревар, но тоа не е така. Ова ќе биде нашата четврта средба, и затоа е многу битна за нас, зашто ако сакаме да бидеме први во групата мора да ги добиеме сите три следни натпревари. Таа шанса мора да ја искористиме. Не треба да ги потцениме, играме дома, фаворити сме и тоа треба да го покажеме на терен, изјави Стојанче Стоилов, капитенот на Вардар.

Натпреварот со Целје се игра во сабота во 17,30 часот во СЦ „Јане Сандански", а судии на средбата се Летонците Зигмарс Сондорс и Ренарс Личис. Делегат е Полјакот Марек Горалчук.

Билетите за натпреварот се пуштени во продажба и може да се купат на билетарницата на СЦ „Јане Сандански" и онлајн преку www.ticketplus.mk.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/02/2017 19:46