Во Музејот на Македонија премиерно пред македонската публика ќе биде прикажан „Спасувајќи го Мес Ајнек" (Saving Mes Aynak) - снимен во 2014-та и меѓу најпопуларните и најнаградувани документарни филмови во изминатите години.

Филмот го следи авганистанскиот археолог Кадир Темори и неговиот авганистанско-француски истражувачки тим во обидите за зачувување на еден од најзначајните археолошки локалитети и културни споменици на Блискиот Исток - Мес Ајнек, на кој му се заканува уништување со градењето на голем рудник за бакар. Локалитетот, со богати културни слоеви од преку 5000 години, важел за значаен будистички религиозен и рударски центар на познатиот трговски пат на свилата.

Документарецот е во продукција на Kartemquin Films од Чикаго и режиран од Брент Е. Хуфман, кој во својата богата кариера соработувал со низа познати медиумски куќи.

„Спасувајќи го Мес Ајнек" е добитник на наградата за најдобар документарен филм на The International Academic Forum во 2015 година, а бил прикажуван и на престижните меѓународни фестивали за археолошки филмови во Грција и во Франција. Македонската премиера на филмот ја органиизра Студентското археолошко здружение „Аксиос" од Скопје, во соработка со Музејот на Македонија.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/02/2017 14:39