Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром не ја искористија првата шанса за обезбедување опстанок во АБА-лигата, откако загубија во вечерашната пресметка на домашен терен против Игокеа (67-71) во последниот меч од 23. коло од регионалното натпреварување.

Сино-белите постојано беа зад противникот, но секогаш беа на достижна дистанца до него. Во финишот со тројката на Ксавиер Темс поведоа со 61-58, но потоа противникот постигна неколку коша во серија, повторно го превзема водството, кое успешно го одржа до самиот крај.

Поразот од Игокеа значи дека неопходната победа за опстанок МЗТ Скопје ќе ја бара во последните две кола, прво на гостувањето кај Будуќност следниот понеделник, а потоа и на домашен терен во пресметката со Морнар за точни две недели.

Ѓорѓе Дреновац со 16, Ксавиер Темс со 15 и Јуре Лалиќ со 10 поени беа подобри од останатите на натпреварот.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/03/2017 00:17