Во рамките на азиската турнеја која се одржува со поддршка од Министерството за култура, денеска македонскиот џез-музичар Владимир Василевски-Четкар ќе настапи на еден од најпрестижните музички фестивали во светот и воедно најголем џез-фестивал во јужната хемисфера, џез-фестивалот „Џава“ во Џакарта, Индонезија.

Четкар ќе настапи на една од главните сцени, а ќе биде придружуван од македонски, американски и тајландски музичари - Филип Стевановски на тромбон, Коди Роландс на труба, Борислав Веселинов на тенор саксофон, Супакит Фоганакит на клавијатури, Ѓоле Максимовски на бас и Виктор Филиповски на тапани.

На овој светски реномиран џез-фестивал редовно настапуваат најголемите џез, поп, фанк и соул имиња во светот, како: Стинг, Џорџ Бенсон, Стиви Вондер, Херби Хенкок, Џон Леџенд, Шака Кан, Џејми Кулум, Пети Оустин, Карлос Сантана, Ентони Брекстон, Кул енд д Генг, Чик Кореа, Инкогнито, Мецофорте, Ли Ритенор, Ди Ди Бриџвотер и многу други.

По концертниот настап во Индонезија, Четкар ќе продолжи со турнејата во Тајланд каде што ќе одржи два концерта, еден во Бангкок на 12 март во познатиот џез-клуб „Џез Суши“, а другиот на 18 март на музичкиот фестивал „Патаја“.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/03/2017 12:34