Британскиот кошаркарски интернационалец Даниел Кларк повеќе не е дел од екипата на МЗТ Скопје Аеродром, откако денеска беше официјализиран спогодбениот раскин на договорот помеѓу играчот и нашиот клуб.
Репрезентативецот на Велика Британија во „Јане Сандански“ дојде кон крајот на октомври минатата година како замена за Џеремаја Мејси и во сино-белиот дрес одигра 15 средби во АБА-лигата со просек 8,5 поени и 4,2 скока како и еден меч во Купот на Македонија, во полуфиналната елиминација од Фени индустри. Кларк веќе се поздрави со досегашните клупски колеги и во текот на денешниот ден ќе замине во родниот Лондон.
Управата на МЗТ Скопје Аеродром му се заблагодарува на Британецот за прикажаното и му посакува сѐ најдобро во понатамошната кариера.