Ракометарите на Вардар имаат шанса уште викендов на гостински терен кај Мешков Брест да го потврдат првото место во групата и директниот пласман во четврт-финалето на ЛШ. Со евентуален триумф нашите ракометари на едно коло до крај на мечевите од главната фаза ќе обезбедат пласман во Топ-8 фазата и ќе ги прескокнат осминафиналните мечеви.
Во прилог на Вардар e и поразот на Рајн Некар на гостувањето кај Целје каде словенечките ракометари славеа со 37-31. Сега на табелата во Б групата Вардар има 18 бода, пред Рајн Некар со 17 (меч повеќе) и Кјелце со 16 бода. Вардар „бара" само два бода на последните две средби. Во случај да има ист број бодови со една од екипите на крајот од регуларниот дел, Вардар ќе биде првопласиран бидејќи има подобра меѓусебна гол разлика. Со победа ќе се решат сите дилеми.
Натпреварот меѓу Мешков и Вардар е закажан за в сабота во 17,30 часот. Колку што е важен за нас натпреварот за задржување на првото место, така и домаќините имаат своја математика и се надеваат на можно освојување на четвртото место во групата.
„Знаеме колку е важен овој меч, ако сакаме да ја задржиме првата позиција и да останеме на тоа место. Знаеме како е, и колку тешко ќе биде за нас. Видовме како играа против Кјелце и Рајн некар. Имаат добри играчи, силен тим се со високи и брзи играчки. Ако сакаме да го исполниме нашиот план треба да победиме, вели Жоан Кањељас, бекот на Вардар.
Сезонава трипати игравме против Мешков. Секој меч беше посебна приказна, со различна важност. Почнувајќи од турнирот пред сезоната, па двата натпревари во СЕХА лигата и едниот во ЛШ. На почетокот на регионалната лига ремизиравме, 34-34, а потоа двапати победивме, еднаш во СЕХА лигата, 30-35 и во ЛШ, 31-27.
„Игравме неколкупати против нив. Загубивме пред сезоната, па ремизиравме на почетокот, и двапати ги победивме. Играат агресивно во одбрана, и не треба да ги чекаме да шутираат од девет метри треба да бидеме поагресивни. Поголеми се од нас, но тоа не е проблем, вели Кањељас.
Средбата е важна за двете екипи, иако можеби поголем товар на плеќите ќе имаат вардарци. Секој освоен бод ќе значи чекор до четврт-финале, а победата е печат на се'.
„Не е притисок, туку убаво е да се биде прв, тоа е мотивација. Сите ние сакаме да ја искористиме ситуацијата. И тие имаат притисок, можеби имаат шанса за четврто место. Кај нас нема притисок, секогаш во ЛШ кога играш во гости е тешко, а фаворит се домашните играчи, вели Кањељас.
Ракометарите утринава заминаа за Брест. Судии на средбата се Ненад Николиќ и Душан Стојковиќ од Србија, а делегат е Јиржи Конечни од Чешка.