Тоа е уште еден натпревар на кој бараме бодови за задржување на лидерската позиција во А групата пред одигрувањето на четвртфиналните натпревари. Минатата недела вардарки по поразот од Будуќност, ја прекина низата од 8 победи.
На првиот дуел со Мец во Скопје „црвено-црните" победија со 23-21, но имавме многу проблеми со нивната одбрана. Ние бараме бодови за останување на првото место, а Мец има притисок да го обезбеди четвртото место што исто така носи пласман во Топ-8 фазата.
„Мец има квалитетна екипа. Играат многу незгодна одбрана. На првиот натпревар нѐ изненадија со агресивната одбрана и може не бевме доволно спремни. Но сега се подготвивме многу добро, анализиравме сѐ и се подготвивме за сѐ. Од нив може да очекуваме агресивна одбрана 3-2-1, 3-3, но овој пат ќе бидеме целосно подготвени. По поразот со Будуќност не е ништо изгубено, не е некоја голема трагедија, имавме низа од 8 победи во серија, и ни се случи лош ден. Сега забораваме на тоа. Уште сме на прво место. Притисокот постои на секој натпревар. Јавноста секогаш нѐ става во позиција на фаворит, така што сме навикнати на тој притисок. Забораваме што беше и се подготвуваме за Мец", вели левиот бек Андреа Пенезиќ.
Вардарки се првопласирани во А групата со 13 бода, исто колку и ФТЦ Будимпешта, но ние имаме подобар меѓусебен биланс. ФТЦ Будимпешта, која ни е главен ривал за првото место во групата во недела игра против Турингер.
„Ние сме први и досега изгубивме само еден натпревар. Сите натпревари од лигата на шампионите се тешки и понекогаш играме подобро, понекогаш не, но така е. Против Мец дома имавме многу тежок натпревар, не бевме подготвени за одбранаат 3-2-1, но сега сме спремни. Сите имаат желба за победа, а ние имаме поголема желба од сите. Мислам дека на овој натпревар притисокот ќе биде кај Мец. Во Скопје играше многу многу добро, но сега играат дома и мислам дека притисокот е кај нив зашто од нив ќе се очекува победа. Ние се разбира сакаме да победиме зашто со оваа победа имаме шанси да бидеме први во група. Оваа недела сите многу добро тренираме, многу сме концентрирани и сме подготвени за Мец. И ќе биде тешко, тоа е 100 отсто", вели тренерот Давид Девис.
Вардар рано изутрина патуваат за Франција, а судии на натпреварот во недела се Радојко Бркиќ и Андреј Јусуфхоџиќ од Австрија. Делегат е Антон ван Донген од Холандија.